Димитров-Кнајсл: Австрија ја поддржува евроинтеграцијата на регионот

Австрија е земја која е многу ангажирана и има голем интерес Балканот да оди напред, и е традиционален поддржувач на европските перспективи на регионот, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со австриската министерка за Европа, интеграција и надворешни работи Карин Кнајсл.

– Со Австрија имаме многу значајни, блиски и пријателски односи. Имаме блиска соработка во однос на граничното управување, при што австриски полицајци им помагаат на нашите полицајци од 2015-2016 година досега, рече Димитров.

Посочи дека Македонија и Австрија имаат и плодна економска соработка, при што австриските компании се едни од најголемите инвеститори во Македонија, на што се надоврзува и солидната трговска размена.

– Ја информирав министерката за агендата дома и надвор, и можам да сублимирам дека настојуваме да биде многу тешко особено на нашите соседи во регионот, да имаат проблеми со нас, оцени Димитров.

Кнајсл оддаде признание на македонските власти за напредокот што го постигнала земјата и рече оти Македонија продолжува понатаму, присутна е и ја покажува својата стабилност.

– Времињата во регионот беа многу турбулентни, но убедена сум дека вашата држава успешно ќе најде мирни води, рече Кнајсл, додавајќи дека билатералната соработка меѓу двете земји е одлична.

Посочи и дека Австрија ќе испрати контингент од 20 полициски службеници на располагање во рамки на техничката соработка.

Истакна дека за неа Западен Балкан е само термин што беше составен, а овој регион е Југоисточна Европа.

– Скопје, Белград, Сараево се европски градови, Западен Балкан е географски термин што беше составен, но за мене терминот Југоисточна Европа е оној термин што посочува многу повеќе и покажува дека ние сме во Европа, додаде Кнајсл.

Австриската министерка посочи дека Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан е важен момент за при приближување на регионот кон ЕУ.

– Сега сме 15 години по самитот во Солун. Има нова динамика што треба да се искористи, меѓудругото има потреба од реализација на различни реформи, но Македонија е на вистинскиот пат, тоа го покажа со договорот за добрососедство со Бугарија, и дека билатералните проблеми можат да се решат, посебно да се постават на едно ново ниво и го почитуваме тоа како држава, наведе Кнајсл.

Додаде дека Австрија знае дека овој регион има големо значење за стабилноста и на самата Европска унија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ