
150 ново случаи со Ковид-19 – во Скопје и Тетово починаа вкупно 9 лица
Во дневниот извештај здравствените власти информираа за 150 нови потврдени случаи со Ковид, само 13 помалку од вчера. Земајќи го предвид бројот на тестирања, вкупно 1086, процентот на дијагностицирани од вчера до денес е повторно висок и е 13,8. На Инфективна, во „Осми септември“ и во тетовската болница борбата со вирусот ја загубија 9 лица. Шест од Тетово и тројца од Скопје. Корона вирусот може да биде најопасен за хронично болните пациенти, па затоа министерот Филипче денес се осврна и на моделот за издавање електронски рецепти и го оцени како успешен. Со овој модел драстично се намалува потребата за одење од амбуланта во амбуланта за пациентите кои имаат особен ризик.
Во Скопје, главниот град кој е и најголемо жариште на вирусот во земјава, епидемиолозите од Институтот за јавно здравје во извештајот информираа дека Чаир е водечки по бројот на активни случаи, со 421. Следуваат Гази Баба и Аеродром по 151 и 147 активни, а во Центар има има 127. Во меѓувреме и професорската фела се приклучи кон анализата и текот на Корона кризата во земјава.
Професорите од Економскиот факултет, Борче Треновски и Кристијан Кожески во анализата со наслов „До кога ќе зборуваме за втор бран на Ковид-19 и дали трендот ќе продолжи“, со анализа на бројките предвидуваат дека во следниот период до 5 јули се очекува трето зголемување на случаи позитивни на вирусот. Сепак, заклучуваат дека олеснителна околност е што предвидениот пораст на позитивни случаи, во споредба со претходните ќе биде од полесен карактер.
Петар Догов