
Повеќе десетици имиња се наоѓаат на листата кривични пријави на Бојан Јовановски Боки 13
Повеќе десетици имиња се наоѓаат на листата кривични пријави кои денеска во скопското обвинителството ги предаде притворениот Бојан Јовановски Боки 13. Товари и функционери и бизнисмени за злоупотреби и други тешки кривични дела, но неговиот адвокат не соопштува кои се поради законските пречки. Обвинителството со часови го распрашуваше, по што ќе биде отворени предмети, и ќе се проверува вистинитоста на наводите на осудениот во случајот Рекет.
11 кривични пријави со неколку десетици имиња и на функционери и на политичари и на државни службеници но и на болнички менаџери и бизнисмени. Бојан Јовановски-Боки 13ка претпладнево беше донесен во скопското обвинителство каде ги предаде на обвинител и пријавите и доказите што смета дека се битни за тие пријави.
Барал да се поднесат пријавите на записник поради што пријавувањето траеше со часови. Неговиот адвокат не ги открива имиња за да не го прекрши законот и да не и наштети на постапката, но откри за какви дела се стокмени пријавите на Боки 13 и дека за наведеното може да се бараат докази и во државни институции и обвинителства.
-Детално се објаснуваат дејствијата на извршување наведени во кривичните пријави за повеќе кривични дела. Станува збор за кривични дела измама, злоупотреба на службена положба и овластувања, давање на лажен исказ, противзаконито влијание, за несовесно лекување и други. Се расправа за една по една кривична пријава на кои има различен број на пријавени и различни пријавени лица. Некаде се повеќе од двајца пријавени, некаде се неколкумина. Доставивме доказен материјал, тоа ќе го анализира обвинителството. Според моето наоѓање и досегашниот начин на постапување на обвинителството сметам дека обвинителството ќе бара дополнителни информации и докази и од други државни институции и обвинителства каде може да се најдат определени сознанија за изнесеното во пријавите и така да се провери она што е кажано во нив, истакна Сашко Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски.
Премиерот Спасовски прашан за тоа дали се плаши дека тој или негови блиски соработници се на списокот на Боки 13-ка со порака правдата да си ја заврши работата.
-Јас не се плашам и апсолутно нема зошто да се плашам затоа што тие предмети се водат во јавното обвинителство. Најважно е дека институциите функционираат. Тоа што ќе се утврди во предметите на јавното обвинителство и за било кој во државата- за тоа треба да се понесе одговорност, изјави Оливер Спасовски, претседател на владата.
Според адвокатот, денешните кривични пријави не може да го сменат правниот статус на Јовановски во случајот Рекет каде е осуден на 9 години затвор и во случајот Меѓународен Сојуз каде е првообвинет.
Дукоски тврди дека пријавите не се поврзани со случајот Рекет за кој тврди дека Боки 13 не зел никакви пари за што го товари обвинителството за организиран криминал.
-Ние велиме дека нема пари. Тука станува збор за целосно нови кривични дела кои не се поврзани со предметот Рекет, изјави Дуковски.
На 18-ти јуни со првостепена пресуда заврши процесот Рекет, Јовановски доби 9 години, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева 7 годишна затворска казна.
Претстојат жалби, а на изрекувањето на пресудата Боки 13 ги спомна екс премиерот Зоран Заев и неговиот брат дека се лица каде завршувале пари од рекет во државата, по што Заев негираше и објави дека Јовановски лаже поради тоа што како премиер го пријавил случајот.
Станува збор за милион и пол евра на Орце Камчев поврзани со олеснување на состојбата за истрагата за случајот Империја на СЈО. И Камчев беше спомнуван од Јовановски како потенцијален осомничен во неговите денес поднесени 11 кривични пријави, но засега нема никаква информација кој се е на списокот на Боки 13.
Миомир Серафиновиќ
Миомир Серафиновиќ