
УХМР: Се очекува пораст на водостоите на Вардар и Лепенец
За повеќе од три пати е зголемен водостојот на Вардар на мерното место кај Јегуновце, а зголемување во однос на вчера има и на останатите три мерни места на реката, покажуваат последните мерења направени од управата за Хидрометеоролошки работи.
Зголемување на нивото бележат и сите останати реки во земјава со исклучок на Треска, Радика и Црн Дрим каде водостојот е ист како вчера.
За разлика од реките, водостојот на Дојранското и Преспанското Езеро е ист како вчера, додека нивото на Охридското Езеро е за еден сантиметар пониско од вчерашното.
Според Управата, најверојатно станува збор за врнежи во повисоките предели на Шар Планина каде нема покриеност на теренот со хидролошки и метеоролошки станици.
Нови врнежи не се очекуваат, а од вечерните часови и утре се очекува стабилизирање на водостојот и негово намалување на посочените водотеци.
Циклонот кој изминативе денови го зафати Балканот и регионот околу нас, во нашата земја се појави во доста ублажена форма и поизразен беше единствено во високите планински делови на Шар Планина, што резултираше со брзо зголемување на водостојот на помалите реки во тој дел. Исто така, поради влијанието и врнежите од Косово зголемување на водостојот е регистриран и на реката Лепенец, што исто така придонесе за зголемување на водостојот на Вардар во Скопје, наведува УХМР.