
Планот за раст им одговара само на 10 до 20 отсто од компаниите, но е ветувачки
Од вкупно 70 илјади компании што работат во земјава, мерките за економски раст од владиниот план им одговараат само на 10 до 20 проценти, другите не би можеле да ги користат. Ова денеска го обелодени Штефан Петер, прв човек на Советот на странски инвеститори, вели дека тоа го дознал од анализите на неговите колеги од Стопанската комора на Македонија. Сепак, законот за финансиска поддршка тој го оцени како позитивен и ветувачки, бидејќи ќе се дава еднаква поддршка на домашните и странските компании, и се ќе се прави транспарентно, како што и мора кога се трошат народни пари. Субвенциите нема да зависат од вицепремиерот, туку од законската рамка, што многу го цениме, вели Петар.
„Иднината ќе покаже. Треба да почекаме за да видиме колку компаниите ќе бидат активни во добивањето субвенции што, секако, ќе биде поврзано со бирократијата. Очекувам од Владата субвенциите лесно да се добиваат. Само тогаш ќе има економски раст“, рече Петер.
Иако не можеше да кажа бројки, тој рече дека се подобрила соработката меѓу македонските, локални компании, со странските инвеститори. Од минатата година за тоа конечно се привлекло вниманието и од Владата, а домашните компании сфатиле дека мора да делуваат, а не само да седат во своите канцеларии и да чекаат некој да дојде и да ги купи нивните производи.
Советот на странски инвеститори најави и проект под покровителство на претседателот Ѓорѓе Иванов, со кој 10 студенти од додипломски, постдипломски и докторски студии од април до август годинава ќе имаат можност да поминат по еден работен ден со пет водечки извршни директори во земјава. Аплицирањето е електронско,почнува денеска, а ќе трае до 5 април.
„Студентите ќе имаат можност да видат како се води компанија, како всушност се работи во реална ситуација. Ќе стекнат практично искуство што факултетот не може да им го понуди“, рече Петер.
Предвидено е, ако биде успешен, проектот да продолжи и идната година. Студентите може да бидат од областа на економијата, човечките ресурси и администрацијата или која било друга сфера во која работи компанијата.
Нина Нинеска-Фиданоска