
Владата денеска ќе одлучува за отворање на границите
Владата на денешната седница се очекува да одлучи за отворање на границите, по предлозите на Комисијата за заразни болести. Според информации на Телма, сувоземните граници ќе бидат отворени без задолжителен негативен ПЦР тест за Ковид -19 и без самоизолација, и за нашите граѓани и за странците кои влегуваат во земјава.
На денешната седница , Владата одлучува за отворање на границите, по сувоземен и воздушен пат. Според информации на Телма, Комисијата за заразни болести и предложила на Владата , границите да бидат отворени без ограничувања за патниците и да се отворат скопскиот и аеродромот во Охрид. Доколку Владата го прифати предлогот, граѓаните ќе може да патуваат од следниве денови. А за отворање на аеродромите, ќе треба малку дополнително време, заради испочитување на процедурите за нивно отворање. Одлуката за отворање на границите, која се чека во пресрет на парламентарните избори на 15 јули и на летните одмори, на својот фејсбук профил, ја најави вицепремиерот за европски прашања , Бујар Османи.
- Време е да го отвориме аеродромот и границите без ограничувања! – Бујар Османи- вицепремиер за европски прашања.
Денеска портпаролот на Европската Комисија , на новинарско прашање, дали останува препораката за отворање на надворшените граници кон Западен Балкан, со оглед на зголемениот број на заразени со Ковид-19 во регионот, рече дека препораката за подигање на забраната за патување, не е поврзана само со епидемилошката состојба, туку и со блиското ниво на интеграција, кое регионот го има со ЕУ и генерално со нивните односи со регионот, како што е детално објаснето во препораката од 11 јуни.
- Сега со оглед на епидемиолошката ситуација ние остануваме…, ја следиме ситуацијата многу внимателно и одлуката која треба да биде донесена од земјите-членки до 1 јули, исто така ќе треба да ги има предвид сите скорешени епидемиолошки податоци. Но како што веќе реков, овие разговори во моментов се водат во Советот и се во рацете на земјите-членки – Адалберт Јанз-портпарол на Европската комисија.
Владата и даде насоки на Комисијата за заразни болести да го разгледа прашањето за отворање на границите, во соработка со Министерството за надворешни работи, за да се постигне координација со соседните држави и со земјите од регионот и пошироко. Од 22 мај наваму, на сила беше мерката за нашите граѓани и за странците кои влегуваа во земјава, да поседуваат негативен ПЦР тест за корона вирусот, не постар од 72 часа, а карантинот беше заменет со задолжителна самоизолација.
Сотир Трајков