Македонија По два месеца во Тетово се враќа организираниот јавен превоз
Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство за престанување на точката 9 од Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија и со тоа се овозможува да се врати редовната состојба на организиран превоз на патници од и во подрачјето на Општина Тетово, и од општините Теарце, Боговиње, Желино, Врапчиште, Гостивар, Јегуновце, Брвеница, Маврово, Ростуше и град Скопје.
Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, информираше дека официјално е известена полицијата, односно испратено е решение до СВР Тетово.
Забраната за организирање јавен превоз на патници со автобуси и комбиња, за излез и за влез во Тетово од полошките општини и Скопје беше воведена од 21 април, како една од мерките за заштита од ширење на заразата со Ковид 19. Истата предизвика потешкотии кај граѓаните кои работат во Скопје и Тетово, а немаат сопствен автомобил.
Данијела Билбилоска



