
Се затресе предизборната кампања
Се затресе предизборната атмосфера. Експлозија во пекара во Ѓорче Петров во 3 по полноќ предизвика нова серија меѓусебни обвинувања кај ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.
Пекарата е во сопственост на семејството на потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Тој на социјалните мрежи објави дека е добро што никој не е повреден и дека ова го смета за порака до него.
- На своевиден начин се продолжува пироманската традиција откако претходно во текот на изборите 2017-та имаше пожар во мојот дом. Нема да навлегувам што и како, кој е и каква е нарачката. Пораката која ја праќаат до мене на стартот на изборната кампања сама си се испишува, ама одговорот е дека нема да ме поколебате, ниту исплашите! , напиша на ФБ, Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на партијата е уште подиректен – нарачателите и инспираторите треба да се бараат во власта на СДСМ.
Ваквите обвинувања за СДСМ се лажни вести. Го осудија настанот и го повикаа МВР да го истражи и да го пронајде виновникот.
МВР во својот билтен соопшти при увидот, полициските службеници забележале дека влезната врата на пекарата е целосно извадена од лежиштето и има материјална штета. На чадот му претходела детонација, па постои сомневање дека се работи за подметната експлозивна направа.
Паралелно, двете партии продолжуваат со предизборната агенда: лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски го посети Куманово за да разговара, како што соопшти, „за лошата политичка и економска состојба во државата и за лошото менаџирање со здравствената криза“. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, отиде да види како се гради експресниот пат Штип – Кочани, поточно – првите 14 километри од Штип до крупиште, што стартуваше во април 2017-та година.
ДУИ најави дека промотивната конвенција ќе ја држат во среда во Преспа на отворено, а ќе финишираат во Охрид. Се уште прават консултации кого да предложат за премиер.
Официјално, кампањата почнува на 24-ти јуни а завршува на 12-ти јули. На изборите учествуваат 4 коалиции и 11 партии.
Соња Николовска