
Една медицинска сестра позитивна во Штипската болница, 5 здравствени работници во изолација
Медицинска сестра од штипската Клиничка болница, која работела на друго одделение, а била на помош на своите колешки на Инфективното одделение е новиот позитивен случај на коронавирусот меѓу здравствените работници. Сестрата уште пред 10 дена е во изолација.
Таа заедно со уште пет здравствени работници, меѓу кои двајца лекари, две медицински сестри и еден лаборант се ставени во изолација по потврдените два случаи на здравствени работници на 9 јуни.
Со новиот позитивен случај, во моментов активни заразени со коронаинфекција имаме вкупно пет здравствени работници, вели Ален Ѓеорѓијев директор на Клиничка болница-Штип.
Епидемиолозите, инфектолозите, но и останатите здравствени работници секојдневно ја бијат битката со коронавирусот, кој во штипскиот регион се рашири по контактите меѓу текстилните работници, кој е и најголемиот кластер. Херои во ова време се и 12 штипски волонтери на Црвениот крст. Волонтерката Маре е една од најхрабрите, која со скафандер и со полна заштитна опрема им помага на оние кои мора да седат дома и да ги чекаат резултатите од тестовите.
Додека пак 24 годишниот Стефан Ѓеорѓиев дипломиран електроинжињер се вклучил пред пет месеци, по неговите стапки оди и помалиот брат.
Стоте членови на Здружението на слепи лица од Штип, Пробиштип и Радовиш се благодарни на помошта која ја добиваат од волонтерите на Црвениот Крст. Пандемијата целосно им го ограничи движењето, но со помош на овие храбри волонтери се чувствуваат сигурни.
Воведена е и нова телефонска линија за психосоцијална подршка.
Досега околу 307 граѓани побарале помош од волонтерите, од типот на пазарување на намирници, но и плаќање на сметки и рати за кредити.
Викторија Јованова