Антикорупциската Комисија прв пат почнува со директно мониторирање на изборната кампања

„Од денот на распишување на избори до нивното завршување, не може да се почне изградба на нови објекти во инфраструктурата или на уличишта и градинки со буџетски средства. Се забранува и исплата на плати, пензии, социјални и други надоместоци кои не се редовни месечни исплати“. Оваа одредба е ставена во Изборниот законик и во Законот за спречување корупција за да се оневозможат било какви коруптивни постапки во предизборниот период. Но, последната уредба на Владата за избор на пратеници ја исфрли од правна сила до 23-ти јуни.

Од Владата велат дека тоа е направено само поради вонредната состојба. На Државната изборна комисија и се овозможува на продолжи со технички подготовки на изборите, но изборните рокови всушност не течат во овие осум дена вонредна состојба.

Државната комисија за спречување корупција остана без правото да ги мониторира ваквите активности на државно или на локално ниво. Упатува на Уставниот суд, кој е надлежен да ги оценува уредбите на Владата и нивната усогласеност со уставот и со законите. Претседателката Билјана Ивановска вели дека нивна надлежост е да ги спроведуваат законските одредби а не да ги толкуваат.

Во меѓувреме, Комисијата одлучи да стане директен набљудувач на изборите. Ќе одбере и обучи 20 набљудувачи за сите шест изборни единици. На повикот за пријавување се јавиле педесетина заинтересирани. За време на изборната кампања, ќе имаат теренски активности за откривање на пропустите.

Проектот е со меѓународна поддршка. Во регионот, веќе има слично и мошне позитивно искуство во соседна Србија, каде Антикорупциската комисија има свои набљудувачи неколку изминати изборни циклуси.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ