Џафери ги распиша изборите на 15-ти јули

Претседателот на Собранието, Талат Џафери синоќа го потпишал решението за распишување на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15-ти јули. Решението е испратено до ДИК, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот, се вели во соопштението. Сега треба ДИК да донесе нов роковник за изборите.

Македонија од синоќа е во петта вонредна состојба. Ја прогласи претседателот на државата Стево Пендаровски, откако СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 15-ти јули. Целтта на новата осумдневна вонредна состојба е да се овозможи непречена подготовка на изборите.

Најголемите политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по речиси двомесечни напори вчера постигнаа договор. Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев соопшти дека отстапиле од својот првичен став изборите да се одржат на 5 јули, и се согласиле гласањето да биде десет дена подоцна на 15 јули за да заврши играта на нерви од која најмногу страда народот. Заев тврди дека условите на Мицкоски за здравствени протоколи и присуство на ОБСЕ биле само оправдување за одолговлекување, односно, приказни за мали деца. ВМРО-ДПМНЕ синоќа на седницата на Централниот комитет донесе едногласна одлука дека ќе учествува на изборите на 15 јули.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ