
Дерковски во Топ Тема: ДИК очекува протокол од здравствените власти за спроведување на изборите
Државната изборна комисија (ДИК) ќе го организира процесот со дејствија за изборите меѓу кои и ревидирање на Роковникот, откако ќе го добие Решението за распишување на предвремените парламентарни избори од претседателот на Собранието,
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, смета дека новата вонредна состојба, која се очекува да биде прогласена утре, ќе трае само да се интервенира за денот на гласањето во среда и потоа ќе продолжат дејствијата за изборниот процес.
-Техничките активности веќе подолго време ги работиме. Имаме веќе испланирани дејствија за Роковникот и штом ќе престане вонредната сопстојба ќе одржиме седница на која ќе го усвоиме формално Роковникот со кој ќе се предвидат останатите дејствија до денот на изборите, изјави Дерковски за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Од здравствените власти очекува протокол кој ДИК ќе го преточи во упатства и инструкции до избирачките одбори. Според Дерковски, до ДИК досега стигнал само само мејл со општопознати препораки за гласање.
-Едно е препорака – незадолжителен документ, а друго е протокол или правилник од кој произлегуваат права, обврски и одговорности. Значи, ние бараме таков документ во кој точно и прецизно ќе бидат наведени одредени постапки. Во она што го добивме на две страници како препораки премногу воопштено се објаснува постапката. Впрочем, тоа е она што секојдневно го слушаме, а не прецизно објаснето како ќе се гласа кај лицата кои се, на пример, во карантин, како ќе гласаат тие на домашно лекување, во изолација… Треба точно да биде објаснето. Нашите избирачки одбори не се ниту епидемиолози, ниту инфектолози за да можат точно да знаат како да се однесуваат, рече претседателот на ДИК, во Топ Тема на Телма.