
Два нови кластери на КОВИД 19 во тетовско
Два нови кластери и 18 нови случаи со Ковид 19 се регистрирани на подрачјето на Тетово и околината. Дури 12 од нив се од општина Тетово, 3 се од општина Теарце и по еден случај од општина Јегуновце и општина Брвеница, како и пациентка на 60-годишна возраст од општина Желино, која почина во болницата во Тетово, хоспитализирана како сомнителна на Ковид на 9 јуни. Најголем дел од новодијагностицираните се со полесна клиничка слика и со средно тешка симптоматологија, а помалку се со тешка клиничка слика, кои се хоспитализирани. Според возраста доминираат млади пациенти.
Епидемиолозите со претпоставка дека зголемениот број на млади пациенти е поради потворањето на моловите и угостителските објекти. Како проблем го посочуваат и криењето на контактите и симптомите, со што заразата може да продолжи да се шири.
Граѓаните во анкета велат дека мерките за заштита од ширење на коронавирусот во градот делумно се почитуваат. Има лица коишто не носат заштитни маски, а често може да се забележат групирања во парковите и гужви на тетовскиот пазар.
Од СВР Тетово информираат дека во изминатото деноноќие за неносење заштитни маски на вкупно 119 лица во Тетово изготвени им се прекршочни платни налози, додека при контролата на 18 угостителски објекти, во два во тетовски Копачин дол биле констатирани непочитувања на протоколите за работа.
Данијела Билбилоска