Вонредната состојба завршува утре вечер, нова нема да има

Утре вечер Македонија излегува од вонредна состојба. Претседателот Пендаровски објаснува дека и сега и претходните четири пати кога прогласуваше вонредна состојба, не се раководел од бројот на заболени, туку од потребата Владата наместо Парламентот да донесува уредби за справување со здравствената и со економската криза.

Пендаровски апелира Мицкоски и Заев да се издигнат над партиските интереси и да се договорат кога да има избори, за да не седозволи продлабочување на кризата.

Вели дека секојдневно контактира со двајцата и дека  разликите во термините се сведени на една до две недели. Подготвен е да прогласи и дополнителни неколку дена вонредна состојба, доколку тоа е неопходно за инклузивен изборен процес.

Претседателот остава можност да се прогласи вонредна состојба на еден или на неколку дена и во други случаи кога ќе биде неопходно Владата да донесе уредба, а Собранието не е ставено во функција. Такви ситуации би можеле да бидат поради продолжување на кризната состојба на јужната граница или поради одобрение за нова мировна мисија.

Во однос на изборите, Пендаровски објави дека лидерите веќе се договориле за избори во среда наместо во недела. Треба да се очекува намален интерес од граѓаните за гласање и одзив помал за 20 до 25 одсто од вообичаениот, како и меѓународна набљудувачка мисија прилагодена на новата здравствена ситуација.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ