
Партиите се раскараа и околу платежните картички – за едни помош, за други поткуп
Власта се фали со платежните картички за граѓаните, а опозицијата обвинува дека се врши поткуп на гласачи. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека мерките на Владата се задоцнети, а СДСМ возвраќа дек со 28 милиони евра се помагаат граѓаните и домашното призводство. Средствата на домашните картички може да се искористат најдоцна до 15 август.
Економските мерки на Владата се обид за купување гласачи пред избори обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ја коментираат помошта која ја нуди Владата за различни категории граѓани, во вид на еднократен паричен износ од по неколку илјади денари за купување домашни производи. На списокот за добивање на платежна картичка се наоѓаат повеќе од триста илјади граѓани.
ВМРО-ДПМНЕ апелира наместо на поткуп, власта во ова време што и остана да се насочи на санирање на штетите од кризата за фирмите и за работниците. Се фалеа со економски мерки кои беа задоцнети и не беа од никаква помош бидејќи илјадници граѓани останаа беа примања.
Граѓаните што ги исполнуваат условите не треба да аплицираат за картичката бидејќи веќе се внесени во систем. Секој може на интернет да провери дали се наоѓа во него, со внесување на матичниот број на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk. Таму пишува и од која банка ќе можат да се добијат парите. Платежната картичка е мерка од третиот пакет на Владата, и тежи 28 милиони евра. Од СДСМ возвратија на обвинувањата на политичките противници. Велат дека не станува збор за изборен поткуп, туку реална помош и поддршка на граѓаните и домашното производство.
СДСМ: Вкупно 324.479 граѓани добиваат домашни платежни картички, за потикнување на приватната потрошувачка и поддршка на македонските производи и услуги. Средствата на домашните картички треба да се искористат најдоцна до 15 август.
Освен социјални случаи и невработени лица, вработени со ниски плати и студенти и средношколци – на листата за помош од државата се наоѓаат и повеќе од 4300 здравствени работници кои се справуваат со Ковид-19.
Петар Догов