Коѕијас на брифинг на Ципрас, мнозинството во Грција против решение кое го содржи името Македонија

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас го брифирал премиерот Алексис Ципрас околу посетата на Македонија и разговорите кои минале во добра клима како и околу текот на преговорите за спорот со името.

Средбата се одржала во премиерската палата во Атина и не била најавена од грчкото МНР или премиерскиот кабинет ниту пак било објавено официјално соопштение за тоа што се зборувало.

Според информациите на грчките медиуми официјална Атина смета дека има напредок во текот на преговорите но останува цврсто на својот став дека се потребни уставни измени не само во однос на името туку и на ирендентизмот.

Деновиве весниците „Катимерини“ и Прото тема“ објавија анкети  кои покажуваат дека над 70 отсто од граѓаните во Грција се против решение на спорот со името кое го содржи терминот Македонија.

Во анкетата на „Катимерини“ 71,7 отсто од испитаниците одговориле дека Грција не смее да прифати сложено име во кое е вклучен терминот Македонија а весникот коментира дека  одговорот „не“ е толку силен што ги обединува речиси целосно оние што на референдумот во 2015 имаа спротивно мислење.

Во анкетата на „Прото тема“ процентот на испитаници кои се против терминот Македонија е уште поголем, 74,5 отсто. Во анализата на резултатите весникот објави и дека 63,5 отсто од гласачите на владејачката СИРИЗА се токму против овој тип на решение.

Интензивните дипломатски средби  продолжуваат. Министрите Димитров и Коѕијас во петок имаат нова средба, овој пат во Виена на барање на медијаторот Метју Нимиц. Се очекува фокусот на оваа средба да биде подготвка на единствен нацрт-договор преточен од нацртите кои двете држави си ги разменија по дипломатски пат.

Засега нема официјална потврда на најавата за посета на Атина на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров веднаш по средбата во Виена.

 

Огнен Чанчаревиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ