
Прва жртва на корона вирусот во штипското инфективното одделение
Битката со коронавирусот ја загуби 86 годишен маж, кој е и првиот пациент што почина на штипското Инфективно одделение. Штип ја бележи трета жртва, предходно маж и жена починаа на скопските клиники.
Инфектолозите велат дека починал утринава во 7.30 часот, а бил болен од коронавирусна инфекција и двострано воспаление на белите дробови.
-На одделението за Инфективни болести беше примен на 26 мај, со оглед на возраста истиот имаше и коморбидитети. И покрај преземените тераписки мерки, според протокол за лекување на тие пациенти, следеше влошување на здравствената состојба, која заврши со лош исход, стои во соопштение од Клиничка болница-Штип.
Додека инфектолозите се борат за животите на 21 пациент, епидемиолозите на терен земаат брисеви и прават анкети за да се утврдат контактите на 186 активни случаи, кои се дел од петте кластери.
Најголем е текстилниот со 126 позитивни, а за 40 работници од седумте конфекции се чекаат резултатите.
Скринингот покажа дека близу 16 проценти од над 800 тестирани работници се позитивни на вирусот.
Во конфекциите нема пречка да продолжи работата, ако се почитуваат мерките,а позитивните и нивните семејства остануваат дома.
Денес ќе се прават и првите контролни тестови за 53 текстилни работници, од конфекцијата која прва беше затворена.
За разлика од пред еден месец сега интересот за тестирање е огромен, па штипскиот Центар морал да интервенира и да побара поголем број на термини за закажување преку матичните лекари.
Димитрова вели дека состојбата со коронавирусот ја држат под контрола.
Во Штип во самоизолација се над 500 граѓани, засега четири државни институции ги затворија објектите, а вработените работат од дома по електронски пат.
Викторија Јованова