ВМРО – ДПМНЕ: СДСМ вети но не го намали бројот на министрите

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ, денеска на прес конференција, го обвини СДСМ дека не исполнил ветување и не го намалил бројот на министри во Владата од 26 на  20.

„СДСМ пред граѓаните за време на својата предизборна кампања, но и во својата програма се обврза пред граѓаните дека бројот на министри во нивната влада ќе изнесува 20, ветувајќи дека и тој број дополнително ќе го намалуваат. Граѓаните секојдневно беа убедувани дека доколку СДСМ ја добие довербата и формира влада, власта ќе биде одговорна и нема да ги троши парите на граѓаните на голем број на министерства и броен кабинетски персонал. СДСМ две и пол години во континуитет им ветуваше на граѓаните одговорна власт. Десет месеци откако СДСМ е на власт во Република Македонија, гледаме целосна неодговорност кон  граѓаните и државата“, изјави Невена Стаменковска од ВМРО – ДПМНЕ.

Таа додаде дека бројот на министри е ист, а кабинетскиот персонал зголемен но и дека СДСМ ветувале и намалување на бројот на пратеници во Собранието.

„Наместо намалување на бројот на пратеници, СДСМ и ДУИ  без постоење на реална причина изгласаа зголемување на бројот на потпретседателите на Собранието на Република Македонија, од 3 на 5. Зголемувањето на бројот на потпретседатели е трошок за државата, а не потреба“, вели Стаменковска.

Од ВМРО – ДПМНЕ сметаат дека наместо за нови инвестии актуалената Влада троши многу средстрва на плати за министрите во владата, новите потпретседатели во Собранието и бројниот кабинетски персонал во владата и министерствата.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ