
Универзитетската изборна комисија ја запре постапката за избор на нов ректор на УКИМ
Универзитетската изборна комисија ја замрзна постапката за избор на нов ректор на УКИМ, по консултацијата со Правната служба , согласно изменетата Уредба на владата за продолжување на мандатите на тела и органи, во вонредна состојба, Претседателот на Изборната комисија , Тројачанец, за Телма изјави дека е земена предвид само првата пристигната апликација , а останатите три кои вчера беа депонирани, не ги земаат предвид, се додека комисијата е во мирување поради вонредната состојба. Поради зголемениот број асимтоматски заболени со Ковид-19 во Просветниот инспекторат, надзорите за избор на ректор и сенатори, на барање на НАКС и ДКСК, се исто така во мирување. Двајцата инспектори кои ги започнале надзорите ќе ги продолжат по враќањето од изолација.
По консултација со Правната служба на УКИМ, Универзитетската изборна комисија ја стави во мирување постапката ја избор на нов ректор. Одлуката на комисијата е согласно изменетата Уредба на владата за продолжување на мандатите на тела и органи во високото образование, во вонредна состојба. Од тука, во мирување се и роковите за пријавување на кандидатите.
- Автоматски, дејствието работа на комисијата, дејствието течење на роковите, дејствието пријава на кандидатите , се ставаат во мирување, се додека владата, т.е. претседателот не прогласи прекинување на вонредната состојба, вели Пламен Тројачанец -претседател на Универзитетската изборна комисија.
Поради тоа што комисијата до вчера на пладне не го стопира конкурсот за ректор, а роковите за пријавување траеја до 16 часот, како што писмено соопштија тројцата кандидати, Петар Атанасов, Драги Димитривски и Вујица Живковиќ, во текот на денот ги поднеле документите, иако им е јасна Уредбата на Владата. Тие апликации не ги зема предвид комисијата, освен претходно пристигнатата, која неофицијално е од професор доктор Коле Василевски, од Шумарскиот факултет .
- Примивме само една апликација. Сите овие други, не ги земаме предив , се додека сме во мирување. Бидејќи и сето тоа е во мирување, дополни претседателот на Изборната комисија, Тројачанец.
Започнатите надзори од ДПИ, на постапките за избор на ректор и нови сенатори на УКИМ , што ги побараа НАКС и ДКСК , оценувајќи ги како противзаконски и противстатутарни, исто така се во мирување. По масовното тестирање за Ковид- 19 на вработените во Просветниот инспекторат, 11 вработени се асимптоматски и од 1 јуни се во изолација, изјави директорот Томе Спировски. Двајца од нив се инспектори кои ги започнале надзорите на Универзитетот и ќе продолжат со активностите по враќањето на работа.
Сотир Трајков