
Кандидати за ректори на УКИМ бараат од Универзитетската изборна комисија објаснување за постапката и роковите за пријавување
Поради недоверба дека изборот на ректор ќе помине, како што велат, во фер и витешка борба, професорите и кандидати, Вујица Живковиќ, Драги Димитриевски и Петар Атанасов, преку соопштение бараат од Универзитетската изборна комисија, допрецизирање на постапката, согласно измените на Уредбата на владата за продолжување на мандатите на органи и тела во вонредна состојба. Очекуваат одговор, дали последен рок за пријавување е веќе зададениот, по скратената постапка, до утре на полноќ, или ќе продолжи на 15 јуни, по завршување на вонредната состојба.
Бараме од УИК за избор на ректор, да ни прецизира, дали воопшто рокот за поднесување документи нема да важи понатаму? Ќе започне нов рок во некои подобри околности и услови или утре останува последниот ден? прашува Атанасов.
Кандидатите за ректор бараат транспарентна постапка со доволно време за пријавување и претставување на програмите пред Изборната комисија.
Доколку се нарави нов роковник, а 14 е последниот ден според сегашната вонредна состојба, дали тоа значи дека 15, следниот понеделник ќе биде за доставување на документите, а само еден ден, после тоа ќе се изврши изборот од кандидатите, вели Димитриевски.
Претседателот на Универзитетеската изборна комисија, Пламен Тројачанец, вели дека утре ќе бара дополнително толкување на Уредбата, од Правната служба на Универзитетот, во врска со започната постапка за избор на ректор и дека во текот на денот ќе ја соопшти.
Актуелниот ректорот Јанкуловски, кој неофицијално веќе поднел апликација, но и претседава со Сенатот, за Телма изјави дека постапката за избор на ректор ќе мирува, а изборот на нови сенатори , продолжува. Сегашниот состав на Сенатот има мандат до 27 јуни, но, дел од факултетите ги откажале седниците за избор на нови сенатори, од кои се бираат членови за Изборната комисија, велат од НАКС. Мирјана Најчевска од Академскиот синдикат, потенцира дека , согласно Уредбата, во вонредна состојба мандатите на тела и органи продолжуваат до нејзиното завршување , по што ќе се избираат нови, согласно претходно превземените дејствија.
Од Државниот просветен инспекторат , каде дополнително е потврден уште еден позитивен на корона вирус и вкупно се тројца од администрацијата, велат дека од утре нема да продолжи надзорот на постапките за избор на ректор и нови членови на Сенатот, што го побараа ДКСК и НАКС. Треба да се престроиме и чекаме решенија за изолација од Ц Ј З, рече директорот Спировски.
Сотир Трајков