
Во мирување ќе бидат изборите за ректор-по синоќешната одлука на Владата
Владата го стави во мирување изборот на Ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ додека трае вонредната состојба. Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон.
- На оваа седница на Владата направено е и допрецизирање во членот 5 од Уредбата за законот за високо образование, кој предвидува дека на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, постапките за избор ќе ја започнат, односно продолжат во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба. Со ова дополнување се регулира дека сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба ќе се стават во мирување.
Станува збор за одлука која повикува на здрав разум и заложба за враќање кон елементарната нормалност и пристојност во оваа земја, вели професорката Стевановиќ.
- Можам да ви гарантирам пред целата македонска јавност дека ректорот Јанкуловски со групата околу него првото нешто што ќе го направи ќе биде да ја спинува одлуката на Владата во смисла дека е направен упад во автономијата на Универзитетот. Нема да ме зачуди да одат и на Уставен суд бидејќи знаеме кој и какви структури се во него. Ректорот и интересните групи околу него автономијата ја разбираат како автократија како можност и право внатре во УКИМ да делуваат спротивно на закон и на сите пишани и непишани демократски правила и принципи, вели проф.д-р Маја Стевановиќ.
Ректорот Јанкуловски со свој став дека неговиот мандат не истекува сега, туку на 15 септември и затоа за него не важела старата уредба која претрпела промени.
- Уредбата со Законска сила за Високо образование т.е член 5 не се однесуваше на изборот на Ректор чиј мандат не истекува за време на вонредната состојба, туку на органите на универзитетите на кои им престанал мандатот за време на вонредната состојба и на истите им се продолжува додека трае вонредната состојба. Стопирана е постапката за избор на Ректор, додека постапката за избор на нови сенатори продолжува и што не е јасно зошто едната се стопира, а другата се продолжува, кога и двете постапки се со тајно гласање, вели проф. д- р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ
Тројцата кандидати за ректор на УКИМ Вујица Живковиќ, Петар Атанасовски и Драги Димитриевски вчера преку соопштение до јавноста реагираа дека по растот на случаи со Ковид-19 изборот за ректор во услови на вонредна состојба значи прекршување на здравствените мерки и препораки.
Нина Стефанова