
Нов напад врз средношколец кај Транспортниот центар- разбојници го избоделе со нож
Полицијата објави дека вчера попладне со нож во нога е прободено 16-годишно момче на улицата Анастас Митрев, во населбата Мичурин.
-Околу 15.30 часот, додека малолетникот се движел по ул. „Анастас Митрев“ во Скопје, бил пресретнат од неколку непознати лица кои му побарале пари. Откако им кажал дека нема пари, тие го турнале и со тврд остар предмет му нанеле убодна рана во десната нога. Се преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите и за целосно расчистување на случајот, соопшти МВР.
Случајот е пријавен 2 и пол часа подоцна кога средношколецот бил однесен во Ургентниот центар во Скопје каде му е пружена лекарска помош.
Местото на инцидентот се наоѓа во близина на Транспортниот центар за градски и приградски сообраќај на ЈСП.
Во тој реон и порано имало чести инциденти, а изминатата пролет иста група предизвика повеќе физички напади врз средношколци кои сами се движеле околу Транспортниот центар. Засега нема информација дали напаѓачите се дел од таа на полицијата позната група или пак станува збор за други насилни разбојници.
Полицијата како превентивна мерка почна да распоредува свои припадници на транспортниот центра во периодите кога средношколците се враќаат од училиште и чекаат автобуси, а направи и повеќе рации во кои еднаш откри и нож во ранец на малолетник.
М.С.