Во основното училиште „Истикбал“ во Тетово е прекинат уписот на првачиња, еден од наставниците е позитивен на Ковид-19

Во основното училиште „Истикбал“ во Тетово е прекинат уписот на ученици во прво одделение, откако еден од наставниците е позитивен на Ковид-19. Од превентивни мерки, другите вработени во училиштето кои биле во контакт со наставничката се наоѓаат во самоизолација, а деновиве истите ќе бидат и тестирани. Директорот на училиштето, Реџеп Алили, вели дека тој и 39 наставници самоиницијативно се во изолација, а во објектот се врши дезинфекција. Уписот ќе продолжи после 15 јуни.

„Овој наставник не бил поврзан со процесот на упис на учениците во училиштето бидејќи, според здравствените препораки, уписот се одвива во посебна просторија и го прави посебна комисија, па така овој наставник немал никаков контакт ниту со учениците што се запишуваат ниту со нивните родители.“, вели Реџеп Алили, директор на ОУ „Истикбал“.

Денес во тетовскиот регион се регистрирани 9 нови случаи на Ковид-19. Повеќето се контакти на веќе заболени лица, информираат од Центарот за јавно здравје. Од почетокот на епидемијата има вкупно 31 кластер, од кои 6 нови во последниве 10-тина дена. Пред два дена, во мини погон на текстилна фабрика, имаше еден позитивен случај, по што другите лица биле изолирани. Ново потенцијално жариште е и општина Теарце.

Поради постојаниот раст на бројот на новозаболени лица, Владата одлучи Тетово и околните општини во текот на продолжениоет викенд да бидат во карантин. Денес граѓаните се снабдуваа со потребните намирници, поради што можеше да се забележи поголема раздвиженост и гужви во градот.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во Тетово и околината од почетокот на епидемијата изнесува 245. Во наредниот период ќе се спроведе и вонреден скрининг во кој ќе се тестираат и лица без симптоми, со цел да се дознаат жариштата на коронавирусот во овој регион.

Данијела Билбилоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ