Жбогар очекува одлука за избори што поскоро

Европската комисија очекува наскоро да биде донесена одлука кога ќе се одржат парламентарните избори. Амбасадорот Жбогар смета дека тоа не би требало да биде толку тешка одлука, но секако треба да биде избалансирана: од една страна треба да се води сметка дека нема Парламент а има Влада со ограничени надлежности, додека на другата страна е состојбата со вирусот и потребата од институции кои можат соодветно да се справат со ситуацијата.

-Мора да кажеме дека за избори никогаш нема вистинско време или вистински момент. Меѓутоа, имајќи ја предвид сегашната ситуација со корона вирусот, мислам дека и не е толку тешко да се направи вистинскиот избор. Мислам дека ситуацијата нема да се подобри подоцна, а како што кажа и министерот Филипче, ниту до крајот на годината. Вирусот нема да исчезне, тука е и ќе остане, а ние треба да научиме да живееме со таа реалност.

И министерот Османи се согласува дека треба да се води сметка за здравствената состојба во земјата но и за потребата од консензус за избори. Вели дека на сите им е тешко да разговараат за избори во вакво време, но не е здраво за државата ваков формат на Влада да се справува со епидемијата.

Двете најголеми партии се уште држат различни позиции. Според СДСМ, уставните и законските норми наложуваат дека 22 дена по завршувањето на вонредната состојба треба да продолжат изборните дејствија, што води до избори на петти јули. ВМРО ДПМНЕ бара прво да се справиме со корона кризата, па дури потоа да го отвориме тоа прашање, што би водело до избори во септември, а ако се бара термин во летниот период, се споменува 26 јули.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ