Поповите за Задушница ќе држат молитви на гробовите, во раздавањето храна не се мешаат

Уште еден верки празника повторно викендов ќе ги извади масовно верниците од дома, додека епидемијата на Ковид-19 зема замав со нови 453 нови случаи за само една недела. Православните верници викендов ја одбележуваат Задушница, но и Духовден, кога се оди на гробовите на починатите каде освен палење свеќи, дел од традицијата е и раздавање на храна, што некаде завршува и со цели гозби по гробовите.

МПЦ-ОА веќе најави дека и за овој празник, без оглед на епидемијата, ќе се спроведат верските обреди и оти нејзините свештеници ќе држат молитви по гробовите. Сепак препорача тие да се посетуваат само од најблиските, а споменот кон починатите да се изрази преку молитва, со почитување на сите здравствени препораки за заштита. За принесувањето храна, ставот на црквата е дека не може да се меша во тоа.

„Дали тие ќе изнесуваат давачки за покој на душата, тука не би можеле да се мешаме индивидуално, меѓутоа апелираме тоа да биде во помала мера и да биде во најтесен можен семен круг. Ние апелираме постојано, бидејќи изнесување на богати софри на гробот на покојните, тоа воопшто не е повик на црквата да се изнесува. Ние секогаш повикуваме дека најпотребно е таму, свеќа, жито и парче леб“, вели за Телма владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ-ОА.

Во изминатите седум недели во земјава се случија неколку големи верски празници, и христијански и муслимански, чие традиционално масовно прославување здравствените власти ги поврзуваа со зголемувањето на бројот на новозаболени од Ковид-19. По велигденската причест со иста лажичка, по масовната литија во Струга за Св. Ѓорѓија, ифтарските вечери во полициски час и домашните посети за Рамазана Бајрам беа последните каде мерките на здравствените власти не се почитуваа. Стравувањата се дека Духовден или задушница може повторно во ризик да го стават јавното здравје. Од МПЦ не се согласуваат со тоа.

„Црковно посетување на гробишта е индивидуална семејна работа, а не е масовен собир на луѓе.

– Со раздавање на храна се собираат поголем број на луѓе, дали можеби можеше…

„Не го прават тоа на гробишта, ве молам. На гробишта се најтесен круг на семејство. Не е тоа црква, не е панаѓур каде ќе се соберат илјадници луѓе, туку ќе се соберат пет или…  четри-пет души на гробот на најблискиот покоен. Дали тие ќе бидат на гроб или  ќе бидат дома, тие се едно семејство“, вели Тимотеј.

Досега ниту МПЦ-ОА, ниту Исламската верска заедница не се откажаа од прославувањето и одбележувањето на верските празници со сите нишани. Нивните претставници дури и кажуваа дека корона вирусот не се пренесува во божја куќа, дека не можат да ги бркаат верниците од храмовите, а сега веќе екс-реисот на ИВЗ ја прогласи короната и за умрена.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ