
Швајцарски корона тестови на проверка во Скопје, карантински конвој и отворена српска граница- КОВИД 19 не го уби граничниот сообраќај на Табановце
Нервози и проверки на документи. Прекуграничен сообраќај има, а границата од српска страна трет ден е отворена. Во Македонија може да влезат само македонски државјани. Доколку имаат негативен тест не постар од три дена. Ваков тест донесе тетовец од Швајцарија.
-Се тестирав во Швајцарија во болницата во Берн и сега чекам во Скопје владата да каже дали тестот е во ред. По пат се беше во ред само тука се чека и тестови се бараат, вели патникот.
Резултатите се земаат и се испраќаат во Скопје кај надлежните здравствени институции. Тие проверуваат дали е оригинален и прифатлив или е сомнителен. По еден час чекање- Скопје потврди дека ги прифаќа швајцарските резултати и тетовецот си замина.
Но на границата останаа група жители на Скопје и Прилеп дојдени од Германија, ама без тестови. Се нервираа зошто не ги пуштаат во татковината и кај семејствата кои чекаат пари од нив. Чекаа хепиенд, додека помлада тетовка се враќаше од Швајцарија и застана да чека превоз за карантин затоа што немаше тест.
Најверојатно ќе чека до утре сабајле, затоа што тогаш тргнуваат конвоите за во државен карантин, како што беше денешниот со кој над 30-тина повратници со автомобили или со автобус и под полициска придружба заминаа во сместувалишта каде ќе поминат две недели или до прв негативен тест на своја сметка.
Седумчлено семејство пак чека резултати од тестови во Прешево за да влезе во Македонија.
-Дојдов до Италија. Правиме тестови во Прешево, дадодовме брисеви и чекаме резултати. За еден цената е 53 евра, а ние сме седумчлено семејство. Се бара тест и за 8-месечно дете, што мене не ми е јасно. Девет месеци не сум дојден, ама мајка ми е болна и поради тоа тргнавме, рече граѓанин кој доаѓа од Италија.
За Србија од завчера се влегува слободно и без тест откако Белград ги отвори границите. Таму замина и постара брачна двојка од Белград. Дошле во март на роденден кај внуката во Скопје и останале до сега.
-Знаеме дека како српски државјани не треба тест, дојдовме до март и не остави короната тука, раскажува белграѓанецот.
Кон Србија се зголемува движењето. Вчера границата кон север ја поминале околу илјада патници, што е за 6 пати помалку отколку во пред-корона ерата.
Меѓу нив била и група работници на скопска фирма која заминала на договорена работа во Италија. Сепак најмногу минуваат транспортерите. На враќање назад се чудат дека во Македонија има најмногу контрола.
-Од Босна одам за Грција. До тука беше добро, сега ќе видиме, си носиме маска, дезинфицираме кабина, објаснува камионџија од Македонија кој возеше италијански камион.
-Некаде, во некои држави мерат температура. А овде засега не. Некаде се пополнуваат оние изјави дека не си бил во Италија, дека немаш температура. Некаде мерат температура на чело, објаснува возач од Врњачка Бања кој носеше сунѓери за кумановско Добрашане.
Короната не го уби граничниот сообраќај, но го сведе на минимум. Патниците влегуваат, но и излегуваат.
Со торби и со дилема дали ќе стигнат дома или ќе завршат во карантин доколку не се тестирале.
Миомир Серафиновиќ