
Од Македонија во Косово и во спротивна насока – само со негативен тест за корона
Четворица патници утрово пеш дојдоа на македонската граница со Косово. Меѓу нив само два куфери и една заштитна маска. Почекаа полициските службеници да ја извршат редовната проверка во време на корона.
Границите се уште се затворени, но премин од една во друга земја има – само со посебни одобренија од Кризен штаб, најчесто за итни случаи и потреба од болнички услуги кои ги нема во Косово.
Македонски државјани коишто сакаат да се вратат дома во земјава мораат да имаат тест којшто се пријавува на влез на граница, не постар од 72 часа. Тука ги чека домашна изолација од две недели. Кој нема тест – задолжително оди во државен карантин.
Косово условно ги отвори границите од први јуни. Нашите државјани коишто сакаат да патуваат во Косово ќе мора задолжително да останат во изолација кај нашиот сосед.
„Сакам лично да ги информирам нашите граѓани дека во случај ако сакаат да патуваат во Република Косово треба да поседуваат негативен тест за корона вирус, не постар од четири дена или во случај ако не поседуваат таков тест при влез на нивната територија, ќе треба 14 дена да се самоизолираат на адресата каде што ќе престојуваат во Република Косово“ – Бесим Асани – Командир на граничен премин Долно Блаце.
Граничната полиција има намален обем на работа во време на корона. Од понеделник до петок секој ден има пет до шест лица на за да ја поминат границата. Метеж нема. Ваквата ситуација им одговара на транспортерите.
„Немаше никаков застој и се беше во ред. Нема коли, нема автобуси, нема гужва многу” изјави еден возач.
Странските шофери кои само транзитираат во земјата мора да исполнат неколку услови за да бидат пуштени на нашата граница.
Оние коишто транзитираат треба да прикажат дека имаат транзитна дозвола односно дека во рок од пет часа ќе ја напуштат државата.
Во комуникација со служби од странските држави се утврдува дали тие имаат дозвола и дали ги исполнуваат условите за да ги поминат нивните граници.
Нашите граѓани коишто се враќаат во земјава, а направиле тест за корона во странска земја – мора да почекааат Министерството за здравство да направи верификација дали тестот е точен пред да бидат пуштени на граница.
Петар Догов