Османи во Топ Тема: Ако нешто погрешивме, тоа е дека дозволивме лажните вести за корона вирусот многу да се прошират меѓу граѓаните

Јас уште првиот ден кога ги видов последните бројки, реков дека сум исклучително загрижен и вознемирен од растот на бројките на новозаразени, но факт е дека поголем дел од нив се во помал број семејства, дека познати се кластерите, изјави вицепремиерот и шеф на владиниот кризен штаб за справување со корона вирусот, Бујар Османи, во вечерашната Топ Тема.

Тоа, според Османи, сепак претставува олеснување и позитивна околност во смисла на менаџирање на кризата и третманот на болните.

Османи смета дека ретроспективата за тоа како дојде до новиот раст на случаите треба да почека а сега најзначајно е да се спречи натамошно ширење на вирусот.

Тој додаде дека официјален предлог за можно воведување карантин и слични рестриктивни мерки засега не е стигнат во главниот штаб на владата.

Османи посочи дека како политичар тој никогаш не би контрирал на ставовите од комисијата, но тој лично смета дека ако сме научиле нешто од кризата досега, тоа е дека колективните мерки не можат да бидат подеднакво ефикасни како индивидуалните мерки.

Според него треба многу повеќе да се работи на свеста на граѓаните, индивидуално и преку објективните факти во точно и прецизно претставување на кредибилниот страв од вирусот и против ширењето на лажните вести кои се обидуваат да ја злоупотребат психологијата на луѓето.

Вице премиерот смета дека државата ги презела сите можни рестриктивни мерки и тоа хронолошки најрано од сите, при што во најголем дел тие биле почитувани, но ако граѓаните не веруваат во опасноста од Ковид-19, тогаш ниту една мерка не дава резултат.

Османи го повтори ставот дека во оваа фаза секој граѓанин треба да биде свој полицаец и лекар и преку почитување на мерките да помогне и најефикасно да го штити својот дом и своите блиски.

Треба да се допре до секој дом, тоа можат да го прават и политичките партии  и на граѓаните да им се објасни дека лажните вести се исклучително опасни.

Ако нешто погрешивме , тоа е дека дозволивме теориите на заговор и лажните вести многу да се прошират кај граѓаните, изјави Османи во Топ Тема.

Според Османи, следењето на ситуацијата со епидемијата во наредните две недели е од клучно значење за одржувањето на изборите на 5-ти Јули, при што изрази разбирање за резервите кај граѓаните со оглед на развојот на ситуацијата и растот на бројот на заразени од Ковид-19.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ