НАКС со реакција за противзаконската постапка за избор на нов Сенат на УКИМ од ректорот Јанкуловски

Независниот академски синдикат денеска поднесе преставка до Државниот просветен инспекторат, за да изврши вонреден надзор на, како што рекоа, започнатата незаконска постапка за избор на нови членови на Сенатот на УКИМ, од страна на ректорот Никола Јанкуловски. Постапката е спротивна на Статутот на Универзитетот, Законот за високо образование и Уредбата на Владата за продолжување на мандатите на тела и органи во услови на вонредна состојба. Кандидатите за сенатори, наместо законските 60 имаат само 18 дена за пријавување, потенцираа од НАКС. Минатата недела и Државната комисија за спречување корупција побара од Просветниот инспекторат да изврши надзор на постапката за избор на ректор, за која е даден исто така скратен рок од 5 дена, наместо законски предвидените 30 дена.

Преставката ја испратиле по електронски пат, а влегоа и во Државниот просветен инспекторат да ја достават. Независниот академски синдикат, незадоволен од гестот на ректорот на УКИМ , за избор на нови, над 70 членови на Сенатот, по скратена постапка од 18, наспроти законските 60 дена за пријавување на кандидатите, во преставката бараат вонреден надзор од Државниот просветен инспекторат. Постапката, започната на 22 мај, е спротивна на членот 155 од Статутот на Универзитетот, ЗВО и Уредбата на Владата за продолжување на мандатите на сите тела и органи во вонредна состојба. Од НАКС ја нарекоа обид за манипулација.

  • Сметаме дека ова не е само непознавање на законската регулатива, туку е обид за манипулација од страна на ректорот, особено што ова се тера паралелно и на брзина, заедно со постапката за избор на ректор , која еве до овој момент и покрај нашите јавни повици , не е прекината, туку си продолжува, вели Елена Џукеска-в,д, претседателка на НАКС.

Писмото за изборот на нови сенатори не е стигнато до сите единици на УКИМ, а не е се едно кој ќе биде член во овој управувачки орган, кој за одлуките споделува одговорност со ректорот, додаваат од НАКС.

Ректорот Јанкуловски вели дека забрзаната постапка за избор на членови на Сенатот е поради неможноста за одржување со физичко присуство, на седниците на настовно- научните совети на факултетите и институтите, кои вршат избор на сенатори, поради протоколите на Владата за заштита од пандемијата со Ковид- 19.

  • Од тие причини писмото со рок е пратено по олабавувањето на мерките во делот за присуство на бројот на лица во затворен простор, односно мерката и протоколот на Владата од 22 мај, со која не се ограничува бројот на присутни лица во затворен простор при одржување на седници и сл. Така што се создадени услови за одржување седници на наставно – научните совети за тајно гласање, вели Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ.

Директорот на ДПИ, Томе Спировски за Телма  вели дека од утрово до него не пристигнала преставката од НАКС, за вонреден надзор. Кога ќе му ја достават, ќе бидат превземени мерки, согласно надлежностите. Тој , исто така потврди дека од денеска започнал надзорот на постапката за избор на ректор на УКИМ, чиј еден од за сега 4 кандидати, е и Јанкуловски. Просветниот инспекторат врши надзор на постапката за избор на ректор, на иницијатива на ДКСК, од каде изразија сомнеж дека Јанкуловски тргува со влијание.

Сотир Трајков

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ