
Избори на петти јули без консензус?
Нема доближување на партиските ставови околу изборниот датум. СДСМ го фиксира 5-ти јули, ВМРО ДПМНЕ не сака да разговара за избори со толкав број заболени, а ДУИ и натаму инсистира на консензус.
Нема законска можност за пролонгирање на терминот за избори – ниту од правен ниту од праведен аспект, изјави премиерот Спасовски по координативниот состанок со Регионалниот изборен штаб и кандидатите за пратеници од втората изборна единица, што ја предводат тој и Сања Лукаревска. Порачува дека Владата не може бескрајно да има и извршна и законодавна власт.
Термин среде лето е спротивен на правото на одмор, а термин на есен е опасен по здравјето и по економијата.
Фиксирање датум за избори во момент кога го достигаме вториот пик од короната е нечовечки, бездушно и морбидно, одговори ВМРО ДПМНЕ.
Сметаат дека Спасовски и Заев, размислувајќи само за својата фотелја, ќе предизвикаат изборна кланица.
Според ДУИ, најдобро е да има консензус. Не исклучуваат и лидерска средба.
Двете лидерски средби и вчерашниот Совет за безбедност покажаа дека партиите не ги доближиле ставовите околу изборниот датум.
Претседателот Пендаровски вчера рече дека е постигната разлика од само десетина дена, но епидемиолошкиот развој ја прекинал меѓупартиската комуникација.
Соња Николовска