Сарај го живее секојдневието со 41 активен случај на Ковид-19

248 активни случаи на Ковид-19. Ова е бројката со која главниот град се соочи денеска откако уште 22 лица се регистрирани како заболени на негова територија. Од општините најмногу заболени, дури 6 се од Чаир, додека Сарај,  Аеродром, Илинден, Бутели и Шуто Оризари бројат нови двајца, Студеничани и Сопиште по еден заболен.

Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети загрижен за зголемувањето на бројот на случаи во неговата општината, вкупно 41, апелираше до своите сограѓани да ги почитуваат мерките за заштита.

„Секое враќање во секојдневната рутина обавезно треба да се проследи со бескомпромисно почитување на мерките за заштита од граѓаните за да се спречи зголемувањето на бројката на заразените“, изјави градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети.

Но сликата која денеска ја затекнавме во Сарај не покажуваше загрженост кај луѓето. Раздвижно, луѓе по улици излезени на прошетка, да се заврши по некоја обврска, но и да се испие чај или кафе со пријателите.

По она што може да се забележи по улиците во Сарај, ништо не навестува дека на оваа општина можеби и се заканува карантин поради коронавирусот. Малку маски на лицата на луѓето, малку дистанца. Многу од нив велат дека немаат страв од коронавирусот и дека тој не постои. Оние пак што се плашат ги носат маските и велат дека секој треба да се грижи за себе и за своето здравје.

Освен кон жителите на општината Беџети денеска апелираше и до Институтот за јавно здравје да прават по 700 тестови за да се спречи ширењето на жариштата.

Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери, пак за Телма вели дека такво тестирање може да покаже погрешна слика за состојбата, додавајќи дека тестовите ќе се правата врз епидемиолошките индикации.

Она што е добро, вели Зибери, е дека во општина Сарај познати се сите кластери, ги има 4-5. Најмногу заболени има во селата Крушопек, Буковиќ и Сарај, а сите заболени досега соработувале во откривање на контактите.

„Луѓето да ги почитуваат мерките кои што се на сила зошто сега немаме такви рестриктивни мерки, веќе сме во втората фаза од оваа пандемија. Не се тешки мерките за почитување, да не се групираат непотребно, да не бидат во затворени простории повеќе луѓе, да се држи социјалнта дистанца, зошто само така ние може побрзо и полесно да излеземе од пандемијата“, вели Арбен Зибери, директор на Центарот за јавно здравје – Скопје.

Зголемувањето на заболените во Сарај, но и во Чаир, Гази баба, Бутел, како и Тетово, Аеродром, ги наведе здравствените власти да размислуваат за воведување поригорозни мерки во овие општини, а не е исклучен и карантин, кој се покажа како успешен во случајот на Дебар.

„Што се однесува до скопските општини малку е попроблематично и поспецифично да се изведе нешто такво, зошто Дебар е друг случај. Дебар беше посебна општина, малку поинаку локализирана. Oпштините како што се Сарај, Чаир, Гази Баба, мислам дeка е многу тешко таква една операција. Но тоа не зависи од нас, за тоа сигурно треба да одлучуваат други институции“, вели Зибери.

Градоначалникто Беџети пак денеска изнесе со став дека за него би било прифатливо ставање на општината во карантин се со цел да се заштити здравјето на граѓаните на  Сарај, но и на Скопје.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ