
Лазаревиќ во “Еврофокус”: Потребна е директна комуникација со граѓаните за објаснување на потребата од мерките против пандемијата
Поранешниот заменик министер за здравство, Владими Лазаревиќ, во денешниот “Еврофокус” оцени дека нашата држава спровела идентична стратегија на затворање на државата, како што беше примената и во останатите европски земји со цел да се спречи ширењето на пандемијата.
“Проблемот е дека суштината на една здравствена политика не е само дали и каква стратегија ќе биде усвоена на централно ниво туку прашањето како таа стратегија ќе се имплементира на ниво на заедниците, општините, тоа е клучен принцип. Едно е да кажете ќе ја затвораме државата а друго прашање како тоа ќе биде спроведено во пракса” – изјави Лазаревиќ.
Тој вели дека главниот проблем не е во тоа да се префрла одговорноста од министерството за здравство на министерството за внатрешни работи или меѓу останатите институции тука како да се воспостави и принцип на сораоботка внатре во државните институции, но уште поважно како тоа ќе им биде објаснето и на граѓаните.
Сега ние сме во непријатна ситуација која постепено се отвораме а се среќаваме со нов наплив на случаи, подвлекува Лазаревиќ.
“Никој не може да ме убеди дека има луѓе кои не се грижат за сопственото здравје и здравјето на своите најблиски. Затоа не сум сигурен и дека повторното затворање на некои општини без соодветна комуникација со жителите зошто тоа се прави, ќе ги даде потребните резултати. Тоа не може да се направи само со прес конференции, туку со директен контакт со граѓаните и жителите на тие општини” – вели Лазаревиќ.
Посочувајќи дека нашите соседни држави веќе направиле безбеден коридор, како да патуваат и да не заобиколат во пресрет на туристичката сезона, Лазаревиќ оцени и дека доколку во нашата држава не се подобри епидемиолошката слика и таа не покаже нормализација, ќе се соочиме со поголем проблем, не само од здравствен аспект, туку и од економски.