
Нови 38 заразени со корона, повеќе од половината во Скопје
Расте бројот на заразени со корона вирус во Македонија. За 24 часа, потврдени се 38 нови заразени.
Повеќе од половината од нив се од Скопје, 24-ца.
Од скопскиот Центар за јавно здравје велат дека станува збор за исти семејства, кои изминатата недела се собирале на ифтарски вечери. Најмногу од денешните заболени се во Сарај, седуммина, потоа во Бутел, каде има нови четворица заразени, во Аеродром и Чаир по тројца.
Од останатите градови, по четири нови случаи има во Куманово и во Штип. Во Тетово тројца, во Неготино двајца и еден новозаразен во Битола.
Oд компликации од вирусот починаа тројца пациенти. Двајца од нив се од Тетово. Едниот на 57 години, кој почина во болницата „Осми септември“, а другиот, 74-годишен, кој почина на инфективната клиника во Скопје.
Во билтенот на починати е евидентиран и пациент од Скопје на 53 години, кој се лекувал во приватната болница Ремедика, а кај кој брисот е земен посмртно, и е утврдено дека е позитивен на корона.
Од почетокот на пандемјата од Ковид 19 заболеа 2077 луѓе, а бројот на починати се искачи на 122.
Гледано според бројот на активни случаи, најмногу има во Скопје, втор е Тетово, а потоа се Прилеп и Куманово.
Од вчера укинат е полицискиот час, но и натаму е задолжително носењето маска.
Владата пред два дена, предупреди дека рестриктивните мерки може пак да се воведат, ако бројот на заразени расте.
Марија Дивитарова