Спасовски: Со завршување на вонредната состојба продолжуваат сите изборни дејствија

Со завршување на вонредната состојба продолжуваат сите изборни дејствија. Одлуката е на претседателот дали ќе продолжи. Ние до крајот на неделата мораме да ги завршиме тие анализи и да одлучиме дали ќе бараме или не продолжување на вонредната состојба, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање дали укинувањето на рестриктивните мерки значи и дека ќе се укине вонредната состојба.
– Вонредната состојба воопшто не се врзува со рестриктивните мерки. Рестриктивните мерки ги носиме врз основа на Законот за заштита на населението и здравјето на населението и на основа на тоа ги донесовме рестриктивните мерки за движење, рестриктивните мерки во делот на работењето на рестораните, на угостителските објекти, на автошколите, на испитните центри, секаде каде што постоеше сериозен ризик да имаме можност за ширење на вирусот Ковид-19, рече Спасовски.
Тој истакна дека се прават анализи на кој начин полесно ќе се справуваме со состојбата, имајќи предвид, како што рече, дека сме единствената држава во светот во која што не работи Парламентот и едноставно како механизам останува само носењето на уредби со законска сила.
– Врз основа на тие аргументи и анализи ќе цениме дали ќе побараме или не продолжување на вонредната состојба. Одлуката е на претседателот дали ќе продолжи. Ние до крајот на неделата мораме да ги завршиме тие анализи и да одлучиме дали ќе бараме или не продолжување на вонредната состојба. Доколку бараме продолжување секако одлуката ќе биде на претседателот дали ќе продолжи вонредната состојба или не. Меѓутоа, реков, рестриктивните мерки, олеснувањето на тие мерки не зависат од вонредната состојба, рече Спасовски.
Премиерот напомена дека со завршување на вонредната состојба продолжуваат сите зборни дејствија.
– Нам ни преостануваат уште 22 дена во рамки на Уставниот рок од 60 дена од распуштање на Парламентот до одржување на изборите, така што вонредната состојба го детерминира датумот на изборите. Вонредната состојба завршува во сабота, денеска сме среда, имаме уште денови за да донесеме одлука. А кога ќе ја донесеме ќе ве известиме благовремено, рече тој.
Во врска со датумот за избори, Спасовски повтори дека Владата донесе Уредба во однос на изборните дејствија, што беше разгледана од Уставниот суд врз основа напреставка до Уставниот суд.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ