
Се чека одлуката на владата за укинување на полицискиот час и отворање на кафеаните
Укинување на полицискиот час, отворање на угостителските објеки, но и на границите се мерките за кои владата на прес-конференција закажана во 19,00 часот ќе соопшти дали ќе ги прифати, а кои денеска и ги предложи Комисијата за заразни болести.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, препораката за олабавување на мерките од страна на Комисијата е донесена врз основа на епидемилошката крива и следење на евалуација на критериумите.
Препораките на Комисијата се целосно укинување на полицискиот час, а угостителските објекти да отворат в четврток со почитување на здравствените протоколи. За отворање на границите во тек е координација со соседните земји, но препораката на Комисијата е тие да не се отворат пред пред 1 јуни. Филипче останува на ставот дека не треба да се брза со отворање на границите.
Според неофицијални информации ваквото олабавување на мерките од Комисијата било донесено поради незадоволство на членовите од недисциплинираноста на граѓаните во спроведувањето на мерките за заштита од Ковид-19, но и од непостапување на институциите за нивно спроведување. Ваквите информации за беа демантирани од Министерството за здравсто.
Сите досегашни мерки и предлози до Владата, Комисијата за заразни болести ги носи врз основа на темелни анализи на состојбата со епидемијата во земјата.
Инаку одлуката за целосно укинување на полицискиот час доаѓа откако земјава утрово излезе од продолжениот карантински викенд. Она што беше извесно дека ќе се случи оваа недела е само отворањето на угостителските објекти.
Покрај ваквото олабавување на мерките неизвесно останува и дали Комисијата ќе предложи и продолжување на вонредната состојба која истекува на 30 мај, со оглед дека пред две недели таа побара од Владата продолжување на еден месец, а од претседателот доби продолжување од само две недели.
Тамара Грнчароска