НАКС се сомнева во тајното гласање за Универзитетска изборна комисија, ректорот Јанкуловски вели ќе се гласа со физичко присуство

На седница на Сенатот, денеска продолжи започнатата постапка од март, за избор на нов ректор на УКИМ, за која Независниот академски синдикат и група проректори рекоа дека е незаконска во услови на вонредна состојба и дека е грубо кршење на Законот за високо образование зашто со Сенатот претседава ректорот Никола Јанкуловски, кој е и кандидат за втор ректорски мандат. Од НАКС денеска рекоа дека е нејасно како утре тајно ќе се бира Универзитетската изборна комисија, без лиценциран софтвер кој гарантира тајност. А, ректорот Јанкуловски вели дека изборот ќе се врши со физичко присуство на сенаторите, согласно препораките на Владата.

Како што неофицијално дознава Телма, денешната расправа по Предлог одлуката за начинот на спроведување на утрешното тајно гласање за формирање на Универзитетската изборна комисија, била оспорена од група сенатори и било побарано таа да се одложи. А, од НАКС денеска рекоа дека е нејасно како ќе се одвива тајното гласање за формирање на  изборната комисија, без лиценциран софтвер, кој ќе гарантира точност и тајност на гласањето.

Ректорската управа на почетокот на кризата донесе правилник со кој е предвидена целата комуникација и наставата да се одвива по електронски пат и состаноците да се одвиваат по електронски пат, но да нема тајно гласање на таквите седници, освен доколку не се обезбедат услови за тајно гласање со лиценциран софтвер. А ние, до овој момент според нашите сознанија, го немаме, вели Елена Џукеска – в.д. претседател на НАКС.

Ректорот Јанкуловски, за Телма вели дека гласањето за  Универзитетската изборна комисија ќе биде спроведено со физичко присуство, согласно објавениот протокол на Владата од 22 мај, за одржување седници на органи за управување.  Тој демантира дека мнозинство сенатори барале да се одложи седницата.

Од вкупно 65 сенатори, 15 бараа одложување на седницата. Не станува збор за тајно гласање по електронски пат, ниту такво нешто сме гласале на денешната седница. Изборната комисија не ги утврдува правилата на игра за избор на ректор.Комисијата само донесува Упатство, каде се утврдува изборниот материјал во вид на обрасци, како записници, извештаи, гласачки ливчиња, вели Јанкуловски.

Ако утре биде изгласана Изборната комисија, веќе задутре на Ректорска управа треба да се донесе одлука за отворање јавен оглас за избор на ректор, со рок од 5 дена. Од НАКС прашуваат зошто се брза со изборот кога согласно ЗВО, во вонредна состојба мандатот на сите тела се продолжува и дека постои ризик од злоупотреба на службената должност на ректорот Јанкуловски, кој претседава со Сенатот, а воедно е и кандидат за ректор.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ