25 мај некогаш празник, денес спомен

Денешниот ден, 25 мај, беше резервиран за, веројатно, најпопуларниот празник во поранешна Југославија – Денот на младоста на кој се славеше и роденденот на маршал Јосип Броз Тито. Се организираа слетови, како централни манифестации на празникот што го истакнуваше социјалистичкиот концепт на братство и единство. Во нив учествуваа пионери, младинци, студенти, но и припадници на сите родови на војската на СФРЈ.

На главниот слет, на стадионот на ЈНА во Белград, му претходеше носење на штафета, симболот на 25 мај, која беше носена илјадници километри од Гевгелија до Триглав, а во рацете на Тито ја предаваа познати спортисти и угледни младинци.

Идејата за некогаш најпопуларниот настан во поранешна Југославија се роди во Крагуевац во 1945 година. Масовната младинска штафета која минуваше низ целата земја ја осмисли Одделението за спорт и фискултура и во неа трчаа најуспешните младинци. Во премиерното издание учествуваа 12.500 лица кои ја минаа трасата долга 9.000 километри.

Од 1957 година, Титовата штафета прерасна во Штафета на младоста. Палката што беше креација на скулпторот Владета Петриќ и графичарот Бошко Карамновиќ, таа година тргна од Кумровец, родното место на Јосип Броз Тито. Мина вкупно 3.500 километри низ мали место и поголеми градови во сите шест републики каде беше масовно дочекана и проследена со специјално подготвена програма.

Честа да биде прв што ќе му ја врачи лично штафетата на Тито ја доби Мико Трипало, апсолвент по право и претседател на Централниот Комитет на младината на Југославија. Меѓу нив (1957 година – 1987 година) и четворица Македонци – Миле Гаврилов, работник од Штип (1960 година), Лилјана Жежова, ученичка од Скопје (1970 година), Чеде Ѓорѓевски, стидент од Скопје (1978 година) и Татјана Додевска, вработена како најдобра студентка во тогашниот Секретаријат за внатрешни работи во Куманово (1986 година).

Штафетните палки воглавно се изработуваа од дрво, но и од други материјали. Секоја беше поинаква и единствена на свој начин. Во својот дизајн, покрај останатите детали, содржеа петокрака. Главниот слоган на денешниот ден беше „Тито е наш, ние сме титови“.

По смртта на Тито во 1980 година, Штафетата на младоста продолжи да се предава од рака на рака меѓу милиони луѓе од Триглав до Гевгелија, но под друга парола – „И по Тито – Тито“ со заклетва на сите Југословени дека ќе истрааат на неговиот пат и ќе го негуваат „братството и единството“.

Последноото носење на Штафетата беше организирано во 1987 година. Слетот беше укинат со одлука на 26 јануари во 1988 година. Оттогаш манифестација официјално не се одржува, но тоа не спречува многу луѓе и натаму да го слават денешниот ден, како што без сомнение ќе биде и оваа година.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ