
Заразен полицаец од Велес отишол со колеги да чува повратници во карантин – Телма објавува дека над 600-тини припадници на МВР и одбрана се на одмор или чуваат деца под 10 години
Вкупно 14 припадници на МВР и полицајци се заболени од корона вирус. Најмногу 7-мина се припадници на Единицата за брзо распоредување-ЕБР. Припадник на 6-тата управа односно на ОЗОЛО во МВР, со задача во кабинетот на претседателот Пендаровски исто така е заболен, како и еден специјалец од единицата Тигри. 3-ца вработени во СВР Скопје и 2 од СВР Тетово, се на листата заболени полициски службеници.
За случајот со Охрид каде седум припадници на ЕБР заболеа, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека полицискиот кластер потекнал од полицаец од Велес којшто отишол во Охрид за обезбедување на државен карантин со повратници од Ломбардија незнаејќи дека е заразен. Најголем дел од заразените полицајци се од внатрешноста.
Охридскиот случај предизвика и самоизолација за уште 21 припадник на полицијата, како и за 14 професионални војници на АРМ кои биле во истото полициско одмаралиште заедно со полицајците.
Во МВР има вкупно 103-ца припадници кои се во самоизолација. Во АРМ пак досега имало 5-мина заболени од КОВИД 19, но од вчера нема повеќе активни случаи бидејќи сите петмина војници и офицери се излекувани.
Телма побара одговор колку вработени во МВР и во АРМ се корисници на годишен одмор или ја користат мерката за чување деца до десетгодишна возраст.
Од МВР ни одговорија дека „врз основа на телеграма од 27.04.2020 потпишана од министерот и дополнителниот заменик министер, право на годишен одмор користеле или користат 361 работник.“
Во Министерството за одбрана и АРМ имаат поинаков начин на распределување на одмори. Во министерството ни одговорија дека „согласно Оперативниот план за функционирање на Министерството за одбрана во вонредна состојба, неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година се смета за искористен и е вкалкулиран во деновите во кои вработените своите работни задачи ги извршуваат од дома.“
Од Армијата одговараат дека на одмор одат само оние кои не се потребни во моментот и кои ќе придонесат за намалување на бројот на армиски припадници во работа во затворен простор.
– Годишен одмор во периодот по прогласување на вонредната состојба поради пандемијата користат припадници на оние команди и единици на Армијата кај кои поединечното отсуството нема да се одрази на извршувањето на работните задачи на кои е ангажирана нивната единица. Искористувањето на годишниот одмор кај одредени команди и единици кои немаат поголем ангажман согласно доделените обврски и задачи, овозможува помало групирање во колективот, што е и превентивна мерка за заштита од ширењето на корона-вирусот, гласеше одговорот од АРМ.
Што се однесува за користење на мерката за чување на дете помало од 10 години, во МВР-38 работници се дома по оваа можност. Во Министерството за одбрана, по основ грижа за дете до 10 години, ослободени од работа се 63 вработени, додека во армијата вкупно 136 армиски припадници ја користат оваа мерка.
Од двете министерства не одговорија од која униформирана единица и колку специјалци Тигри (МВР) и Волци(АРМ) ја користат мерката за чување деца или се на одмор. Одговор не ни беше даден поради „навлегување во класифицираност на податоците во која спаѓа бројната состојба на единиците која е дел од борбената готовност“- гласеше одговорот од одбрана и од армијата.
Миомир Серафиновиќ