
Полициски бонус во политичките лавиринти додека расте бројот на заразени полицајци
Финансиски бонус од 400 евра за полицајците бара македонскиот полициски синдикат додека се зголемува бројот на самоизолирани и заразени полицајци, а премиерот Спасовски и министерот Чулев расправаат дали политичките предлози за тој бонус се гол популизам или награда за жртвата на полицајците. А во моментот 14 полицајци се на листата болни од Ковид 19, и плус 103-ца се во самоизолација.
Покрај тоа МВР е ослабнато во бројката бидејќи на одмор се уште 361 вработени, а на 38-мина од МВР им е дозволено да чуваат деца помали од 10 години според владините мерки. Министерот Чулев тврди дека нема проблеми со функционирањето на МВР.
Синдикатот за сите полицајци; и оние на терен, и оние на пунктовите, и оние на одмор веќе барало од Чулев награда, но се изненадени зошто кога не било прифатено -министерот сам барал уредба со 15 илјади денари бонус.
Соопштение на Македонски полициски синдикат:
Сумата од 15.000 денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000 денари.
Полицискиот синдикат бара и јавна подршка. Министерот Чулев смета дека треба да им се даде награда и за досега направеното и како мотивација за идните предизвици со короната. Неговиот претходник, а сега премиер Оливер Спасовски пак вели начинот на кој предлага Чулев кој на влада не се борел за полицајците доволно-го гледа како гол популизам.
За бранот од 7 заболени припадници на ЕБР, Чулев рече дека кластерот почнал од полицаец од Велес којшто отишол во Охрид за обезбедување на државен карантин со повратници од Ломбардија незнаејќи дека е заразен. 21 полицаец од ЕБР и 14 припадници на АРМ се во самоизолација, а седум досега се заболени. Спасовски вели дека и полицајците треба да внимаваат и да бидат одговорни, бидејќи короната најчесто се шири поради непридржување на мерките. Можно е и да има скрининг тестирање за припадниците на МВР.
Миомир Серафиновиќ