Игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, избран за нов епископ на МПЦ-ОА

На денешната седница на Светиот архиерејски синод, игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, високопреподбниот архимандрит Партениј, беше едногласно избран за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Од Синодот велат дека отец Партениј беше предложен за нов владика од страна на неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, а едногласно потврден од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Неговата хиротонија е закажана за 12 јули годинава, на празникот на светите апостоли Петар и Павле, во храмот „Света Софија“ во Охрид.
Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски“ (според македонскиот античкиот град Антанија, кој бил епископско седиште), но истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот Манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Со своето дваесет и петгодишно монашко и игуменско искуство, отец Партениј влегува во архиерејски чин со досега најголем монашки стаж во поновата историја на нашата Црква. Во црковните кругови тој важи за искусен духовник, кој ужива голема почит не само од верниците, туку и од пошироката јавност.
Уште од своето доаѓање во Бигорскиот манастир, отец Партениј енергично се посветува на севкупната обнова на ова големо светилиште, после долгиот период на негова духовна замреност и материјална запустеност. Целосно се вложува себеси во делото за враќање на некогашното достоинството на бигорското светилиште. Како плод на таа посветеност, во 2001 година, потполно е возобновен и духовно заживеан и манастирскиот метох – женскиот манастир посветен на Св. Георгиј Победоносец во с. Рајчица.

Паралелно со обновата на Бигорскиот манастир и на неговиот метох во Рајчица, архимандритот Партениј се зафаќа и со нови градежни потфати, меѓу кои: дрвениот храм посветен на св. Серафим Саровски, изградбата на храм во византиско-македонски стил во с. Ростуше, посветен на Пресвета Богородица, како и на новиот манастирски метох „Св. Кирил и Методиј“ во с. Битуше. Во 2016 година, со благослов и во соработка со неговиот надлежен митрополит, Тимотеј Дебарско-кичевски, тој го возобновува монашкиот живот во уште еден голем македонски духовен центар – Манастирот Пречиста Кичевска, каде испраќа шест монахињи од Рајчица, негови духовни чеда, а исто така го продолжува и монашкиот живот во Кнежинскиот манастир.

Името на отец Партениј повеќе години се наоѓаше на листата на кандидати за епископи на МПЦ-ОА, а пред петнаесетина години нему му било предложено да стане митрополит на Повардарската епархија, достоинство коешто тој го одбил, со образложение дека не сака да го напушти Бигорскиот манастир и мијачкиот крај, за чиешто заживување го вложил сиот свој живот.

Отец Партениј станува владика во годината кога Бигорскиот манастир слави 1000 години од неговото основање во 1020 година.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ