Коѕијас попладнево ќе слета на скопскиот аеродром

Попладнево во Скопје со специјален лет треба да пристигне грчкиот министер за надворшени работи, Никос Коѕијас. Коѕијас ќе слета на скопскиот аеродром, откако на крајот од февруари тој беше преимнеуван од Александар Велики во Меѓународен аеродром – Скопје во знак на добра волја кон Грција во преговорите околу името. Авионот со кој ќе дојде Коѕијас ќе биде прво слетување на грчки авион на скопскиот аеродром по 12 години. Коѕијас вечерва ќе има работна вечера со шефот на Македонската дипломатија Никола Димитров, додека официјалните средби со македонските владини и политички претставици се закажани за утре.

Посетата на Коѕијас доаѓа неколку дена откако двете страни си разменија нацрт-спогодби во кои се исцртани нивите позиции за надминување на спорот околу името. Грција два месеци најавувајќи ја својата спогодба отворено најави дека таа опфаќа седум области опфатени во процесот на преговорите и тоа името, неговата употреба, идентитетот, јазикот, кратениките, како и барање за промена на уставот на Македонија.

Македонија својата нацрт-спогодба ја криеше далеку од очите на јавноста и објави дека и таа подготвила своја документ дури откако и го врачи на Атина во вторникот. Македонската страна не открива детали што содржи спогодбата, освен дека таа е повеќе фокусирана на  меѓународни формулации на такви меѓународни договори.

„Во нашата нацрт-спогодба има повеќе меѓународни формулации на вакви меѓународни договори, бидејќи формулациите во делот на името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите или слично сè уште се на маса за преговори. Тие се оставени празни полиња, како што се оставени и од грчка страна“, изјави Заев.

И двете страни по примопредавањето на спогодбите кратко соопштија дека детално ќе ги анализираат и оти ги очекуваат коментарите од другата страна, не окривајќи повеќе детали.

Портпаролот на грчката влада денеска пред посетата на Коѕијас на земјава изјави дека се надева оти македонската страна ќе продилжи да преговара во добра волја за да постигне взаемно прифатен договор. Притоа тој за грчкиот нацрт-договор рече дека ги содржи основните позиции на грчката страна во преговорите.

„Она што е вклучено во конкретниот текст е договор што се базира на општата позиција на грчката влада: сложено име, што важи за сите и за севкупна употреба. Што значи за сите? Во секој случај, потребна е уставна ревизија, значи дека ова име ќе треба да се користи и во внатрешноста на соседната земја. Според тоа, очигледно е дека се поставува темата и за уставна ревизија“, изјави Димитрис Ѕанакопулос, портпарол на владата на Грција.

Димитров пред два дена најави дека веројатно за спогодбите ќе се дебатира и на претстојната рунда разговори под покровителство на Нимиц која е закажана за идниот петок во Виена, додавајќи дека нема временски рок меѓу Скопје и Атина до кога треба да си ги врачат одговорите.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ