Ковид19 изеде над 3,3 милиони евра во итни јавни набавки- МВР води пред здравство

КОВИД 19 јаде и многу пари преку итни набавки за епидемијата од кои секоја втора набавка е извршена со вклучување и преговарање само со еден продавач кој ја добива зделката. Досега се потрошени над 3,3 милиони евра за итни јавни набавки и се забележани големи разлики во цени на маски, ракавици, скафандери, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации кои откриле и дека за комунални работници во Струмица се купуваат поскапи скафандери отколку за лекари во торакална клиника.

Анализа на Центар за граѓански комуникации:

Најеклатантен пример е што комунално претпријатие купило скафандери за еднократна употреба по цена од 1.156 денари, а клиника купила скафандери за повеќекратна употреба со можност да се вријат за цена од 1.052 денари. Притоа, неспоредливи се ризиците од пренесување на вирусот и последиците од ова во двете институции.

Најголем трошаџија е МВР, а не здравство. Во внатрешни потпишале 6 тендери вредни околу 1,9 милиони евра. Таму се купуваат најскапи заштитни ракакавици од 9,32 денари за парче. Иако кризни и за итни потреби- набавките во МВР се потпишуваат рамковно за период од три месеци.

Здравство е на второ место по итното трошење, а најмногу пари се издвоени за монтажната болница до Инфективната клиника за која фирмата Брако поврзана со екс-вицепремиерот Кочо Анѓушев испорача нарачка од контејнери вредни 142 илјади евра.

5 фирми добиле 71 проценти од договорите вредни 3,3 милиони евра за итни набавки. Најмногу со два тендера добила прилепската компанија Гифти текс која за милиони и 113 илјади евра продава заштитни маски и на МВР и на Министерството за одбрана. Скопски Биотек која како приватна здравствена институција врши и тестирања за корона вирус под закрила на Институот за јавно здравје, исто така склучила договор со МВР дека за 657 илјади евра ќе продаде маски, ракавици, очила и комбинезони. Алкалоид и Еурофарм имаат најмногу договори иако пониски од оние за маски и заштитна опрема. Проблемот покрај разликите во цената е тоа што институциите се нетранспарентни за итните набавки, преговараат само со еден добавувач и го кршат законот за ненавремено објавување на договорите.

Анализата покажала дека пониски цени имало кога институциите преговарале за набавка со повеќе од еден набавувач.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ