
Кризниот штаб од Тетово бара укинување на забраната за организиран превоз на граѓаните
Мерката со која се забрани организираниот превоз со автобуси и комбиња во Тетово и тетовско речиси еден месец предизвикува потешкотии за граѓаните кои работат во Скопје, но и за жителите од околните населени места, кои поради работни или други обврски доаѓаат во градот.
Дел од нив немаат сопствен автомобил, па не можат да одат на работа, а за оние, пак, кои патуваат со приватни возила тоа претставува дополнителен трошок.
Кризниот штаб при општина Тетово упати барање до Владата да ја укине забраната за организиран превоз.
Градоначалничката Теута Арифи очекува истото да биде прифатено и до крајот на неделава да завршат сите формални процедури.
Забраната за организиран превоз со автобуси и комбиња, кои кружат на територијата на општина Тетово и околните општини, беше воведена на 21 април, како една од мерките за спречување на ширењето на вирусот во градот и регионот.
Данијела Билбилоска