
Деркоски: ДИК треба да донесе нов роковник за изборите
Комисијата за заразни болести предлага продолжување на вонредната состојба, која истекува на 16 мај. Министерот за здравство Венко Филипче за продлжувањето на вонредната состојба рече дека е неопходно, за Владата да има механизми за имплементирање на препораките кои произлегуваат од Комисијата за заразни болести
Но освен за мерките за заштита од корона вирусот, вонредната состојба директно влијае и врз одржувањето на изборите, поточно ги става на стенд-бај, а сега продолжувањето на вонредна состојба ќе им даде време на политичките партии да усогласат нов термин за одржување на изборите, откако не успеаа тоа да го направат во вторникот.
Во меѓувреме уредбата со која беа прекинати изборните дејствија доби различно толкување околу роковоте за нивно продолжување.
Уредбата на Владата за прекинување на изборните дејствија, од 22 март, гласи:
„Изборите ќе продолжат откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба. Уредбата исто така, определува задолжување за ДИК во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија“.
За техничкиот премиер Спасовски, Уредбата е многу јасна.
„Тука треба да се има уставната норма, дека изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието. Така да, роковите кои што поминале до вонредната состојба и имаме вонредна состојба во која се стопирани сите рокови. Со престанување н авонредната состојба продолжуваат да течат и роковите понатаму“, изјави на 12 мај Оливер Спасовски.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак Уредбата ја толкува дека по завршување на вонредната состојба до изборите остануваат 22 дена.
Петседателот на ДИК, Оливер Деркоски, за Телма вели дека уредбата не може да се толкува на таков начин.
„ДИК е задолжена да донесе нов роковник. Што значи тоа? Роковникот треба да ги содржи сите дејствија кои не се завршени. Никаде не пишува колку днеови останале, како останале. Тоа е некое толкување кое што во јавноста се наметнува, меѓутоа роковникот ќе ги определи повторно дејствијата за ажурирање на списокот“, вели за Телма претседател на ДИК, Оливер Деркоски.
Деркоски вели дека ДИК има изграден заеднички став дека треба да се почитува Изборниот закон и постојните закони, а со него е превидено на избори да се оди со прочистен Избирачки список кој не беше заклучен кога беше прекината изборна процедура. Дерковски вели дека тој факт, но и времето кое е поминато од тогаш, наложува повторување на процедура околу Избирачкиот список.
„Севкупните дејствија, од почетокот од добивање од МВР, до негова декрипција, па обработка од Завод за статистика, па јавен увид – мора да се изврши јавен увид за да се заштити гласачкото право на гласачите – па понатамошна негова обработка, се помеѓу 45 и 50 дена“, вели Деркоски.
Дерковски вели дека тоа не може да се толкува како поместување на роковите за избори.
„Колку што знам нема датум за избори. Значи тоа не мора ништо да значи, но датум за избори нема, па нема ни што да се поместува“, е ставот на Деркоски.
Државната изборна комисија денеска треба да му го достави на претседателот на државата своето мислење во врска со продолжување на изборниот процес, пред тој идната недела повторно на лидерска средба да ги свика политичките партии за утврдување на датум за предвремените избори.
Тамара Грнчароска