
Изборна кампања со маски и дистанца
Уредбата на Владата за изборниот процес утре е на проверка кај уставните судии. Најспорен дел од неа е обврската за ДИК – да состави и објави Роковник на изборни дејствија ден по завршувањето на вонредната состојба. Втората 30-дневна вонредна состојба завршува в сабота на 16-ти мај. Владата се уште не донела одлука дали ќе побара претседателот Пендаровски да даде уште едно продолжување од 30 или можеби помалку денови, но веќе размислува какви протоколи ќе пропише за периодот на изборната кампања и за денот на гласањето.
Доколку нема продолжување на вонредната состојба, изборен ден би требало да биде 8-ми јуни, посочи вчера претседателот на СДСМ Зоран Заев. Заклучокот го влече од Уредбата на Владата од 22 март за прекин на подготовките на избори за 12 април и продолжување со изборните дејствија за уште 22 дена. За ВМРО ДПМНЕ, тоа е една од трите лаги на Заев, заедно со тврдењето дека „изборите се прогласени уште во февруари“ без нов договор на лидерите и игнорирањето на текот на изборниот процес.
Во ДИК денеска молчат. Но, уште пред 20-тина дена, претседателот на ДИК Оливер Деркоски во разговор за Телма изјави дека ДИК нема ингеренции да го одредува денот на изборите со една „недоречена уредба“ и дека за целосно завршување на изборните активности се неопходни 50-тина дена. Вчера политичките лидери се обидоа да се договорат околу изборниот ден земајќи ја предвид пандемијата и вонредната состојба. По неуспешните разговори, нова лидерска средба во ист формат се планира во почетокот на наредната недела.
Соња Николовска