Трговските центри забрзано се подготвуваат за отварање, дуќаните се чистат,излозите се местат

Шопинг во трговски центар, тикет во обложувалница и часови за возење се од денеска новата реалност за граѓаните. Владата вчера донесе одлука со која се разлабавуваат дел од рерстриктивните мерки со цел враќање на животот во нормала а со одлуката беа опфатени затворените трговски центри, автошколите и спортските обложувалници.

Денеска само „Веро Џамбо“ ги отвори вратите за купувачите. Внатре немаше голема фреквнција на луѓе, дуќаните беа отворени освен оние што се за послужување на храна. Дуќаните во „Рамстор“ ќе се отворат утре а „Капитол“ и „Сити Мол“ ќе почнат со работа во петок.
Од она што можеше да се види во овие центри, маркетите и апкетите беа отворени а сите други продавници забрзано се подготвуваа за отварање. Вработените ги чистеа и редеа излозите, палети со производи се туркаат низ ходниците, забрзано се дезинфицираат просториите и пултовите а таму каде што е потребно се местеше и плексиглас на касите. Дел од вработените велат дека ќе имаат мали проблеми бидејќи сеуште немаат добиено летни производи поради затворените граници и фабрики.

Според одлуката на Владата, во првата фаза трговските центри ќе работат од 10 до 18 часот од понеделеник до сабота а угостителските објекти во склоп на центрите ќе може само да вршат достава или купувачите сами да ја подигаат нарачката.

Дел од обложувалниците ги отворија вратите но не и пултовите за уплата. Вработените ги чистеа просториите кои се затворени веќе два месеци а уплата на тикети ќе почне од попладнево или најдоцна утре.

Возилата на автошколите веќе од утре ќе ги видиме на градските улици. Денеска голем дел од автошколите не отворија бидејќи ги подтовуваа возилата а за утре се закажани и полагања на градско возење. Според протоколот кандидатот и инструкторот ќе мора да носат маски а возилото за обука ќе се дезинфицира по секој завршен час. Теоретската настава ќе биде со намалаен капацитет во учлниците.

Според одлуката на Владата од наредната недела, односно во втоарата фаза, ќе бидат отворени кафулињата, рестораните и кафеаните, ќе работат само терасите и тоа со намален капацитет. Десет метри квадратни е минимумот простор кој треба да го има една маса исто како и раздалечината од најмалку еден и пол метар.

Во третата фаза која е планирана за последната недела од месецот мај доколку состојбата на терен и епидемиолошките анализи го дозволат тоа, за граѓаните ќе се отворат фитнес центрите, базените, теретаните и хотелите.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ