Лоши прогнози, добар исход – Мајка и син ги преживеаја операциите

Сејар има неполн месец  и едвај два килиограми. За една недела инкубатот ќе го замени со прегратката на неговата мајка, која се опоравува по двојната операција, на срце и царски рез. Неговото име значи темперамент. Симболика што ќе го следи целиот живот, бидејќи темпераментот му помогнал да преживее, иако прерано се родил. Неговиот татко низ емоции се сеќава на црните прогнози што ги слушале од клиника на клиника, но пресреќен е што лекарите од јавното здратсво овој пат лошо процениле.

„Состојбата беше тешка. По 24 часа сопругата моја ќе го изгубеше животот, заедно со бебето, но овде најдовме решение, многу сум среќен и бескрајно благодарен. Претходно, се обративме на Кардиологија, ни кажаа дека се е во ред и ни дадоа терапија за смирување. Не препратија на гинекологија, таму, по прегледот ни кажаа дека нема никаков проблем и дека треба да оди на нефрологија. Отидовме и таму, но не ни дадоа никакво решение. 8 часа изгубивме залудно во државната клиника. На крај не пратија, велејќи дека се е во ред. Ги послушнавме и се вративме дома, но наредниот ден ситуацијата се влоши“, кажа таткото Селам Муареми.

Неонатолозите потврдуваат, здравствената состојба на Сејар е стабилна. Му прогнозираат квалитетен живот, но велат, внимателно ќе го следат неговиот развој.

Тимот што ги извршил операциите, прв пат се справува со ваков случај. Во прашање биле минути, а ризикот бил огромен по животите на мајката и на бебето. За ваква дијагноза кај 27 годишна бремена родилка не знаат ниту во регионот.

„Да не беше донесена и оперирана тој ден, најверојатно лошо ќе завршеше, бидејќи смртноста во првите 24 часа кај пациентите со дисекција на аорта е 90 отсто, особено во бременост. Сигурно лошо ќе завршеше, ако итно не ја опериравме. Делот од аортата го заменивме со биолошка протеза, така што пацинетката ќе може повторно да раѓа, кажа Александар Николиќ, кардиохирург во Аџибадем Систина.

Во стручната медицинска литература ваквите случаи се реткост, и 60 отсто завршуваат фатално, објаснуваат лекарите. Велат, наведени се само се неколку, но примерите се во САД и говорат за бремени жени во околу 35-тата недела, а не во 31-тата како што е во случајот. Необична е и возраста. Примерите се за раодилки во четвртата деценија од животот, а мајката на Сејар има само 27 години.

Весна Јовановска Дојчиновска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ