БЕСА почнува разговори за влез во Влада

Попладнево БЕСА почнува разговори за влез во Влада. Претседателот на движењето Африм Гаши треба да има средба со премиерот Зоран Заев. Откако двајцата лидери пред неколку недели искажаа подготвеност за окрупнување на владината коалиција, сега се очекува да проговорат за формирање преговарачки тимови кои конкретно би договориле министерски, заменички, директорски и други функции на новиот партнер во извршната власт, а пред се, поддршка на реформските проекти на Владата.

Од БЕСА за сега се воздржани бидејќи преговорите реално не се ниту отпочнати. Но премиерот Заев веќе најави, а портпаролот Бошњаковски денеска потврди дека претстои процес на зголемување на парламентарното мнозинство.

Бошњаковски не прецизира дали синоќешната оставка на министерот за правда Билен Салији ќе ја забрза владината реконструкција. Синоќа, Салији рече дека има морална обврска да си замине од Владата бидејќи кај него лично е разнишана довербата во правосудството поради преквалификацијата на делото во случајот со малиот Алмир.

Иако Владата ја објасни оставката како личен чин кој нема да влијае врз реформите во судството,  во јавноста веќе се шпекулира дека премиерот не бил задоволен од учинокот на овој министер и дека сакал да го разреши, па оставката била меѓупартиски договорена. Во овој момент, партиите не потврдуваат ниту дали ДУИ ќе го задржи ресорот правда.

Премиерот објави дека ќе разговара со сите опозициски партии освен со ВМРО-ДПМНЕ, но Зијадин Села експресно одговори дека иако во политиката важи правилото „никогаш не вели не“, Алијансата не се враќа во Влада бидејќи во овие околности се работи за достоинство.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ