
Македонскиот јазик е посебен, му одговорија македонските научници на БАН
Ненаучно, паушално и тенденциозно, ова е ставот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ за најновото издание на Бугарската акдемија на науките со кое се негира постоењето на македонскиот јазик и тој се именува како „северномакедонски бугарски јазик“. Потпишана од 12 автори меѓу кои и потпртседателот на БАН, Васил Николов, „За официјалниот јазик на Северна Македонија“ на 68 страници го негира постоењето на македонскиот јазик. Од Институтот за македонски јазик велат дека ставовите на авторите не се научно базирани и не може да се третира како сериозна научна студија.
„Начинот на презентирање, на пишување, издвојување на, не дури и на цели реченици, туку на делови од реченици, од извесни публикации и ставање во сосема друг контескт. Земање на термини кои што се употребувале во 18. и 19. век и нивно третирање во современ контест на 20. и 21. век“, објаснува проф. д-р. Александра Ѓуркова, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во пишаната реакцијата од Институтот пак детално се одговара на ставовите на БАН за историјата на македонскиот јазик, создавањето на македонскиот литературен јазик, македонските преродбеници, имиња, дијалекти, при што се наведува дека во книгата се даваат искривени факти. Притоа во рекацијата се подвлекува дека македонскиот јазик функционира како стандарден јазик 75 години, кодифициран и рамноправен во рамките на ОН.
„Тоа е реалноста. Секој што претендира себеси да се смета за научник мора да биде во согласност со времето. Основно човеково право е правото на употреба на мајчиниот јазик и на самоопределување. Секој обид да се постигне тоа со сила или уцена ќе биде неуспешен. Македонците не можат да се чувствуваат како Бугари, ниту да го сметаат бугарскиот јазик за мајчин“, се наведува во реакцијата на Институтот.
Притоа научно образложувајќи ја различноста на македонскиот стандарден јазик од бугарскиот од Институтот ги посочуваат фонетските особености на јазикот, како што е затврднувањето на меките согласки, фиксираниот акцент на третиот слог од крајот на зборот и акцентските целости, особини со коишто македонскиот јазик во голема мера се разликува од бугарскиот на фонетско рамниште.
Во книгата на БАН за македонскиот јазик освен што се изнесуваат научни невистини се даваат и насоки за македонските научници како треба да пишуваат и каков треба да биде македонскиот јазик во иднина, за што Ѓуркова вели дека е најблаго кажано несериозно.
„Вакво нешто од овој тип да се осмели и да оди кој и да е исражувач на словенските јазици и на јазиците воопшто, да дава препораки во однос на другите словенски јазици што би требало некоја земја или страна да прави, е навистина, во најмала рака, несериозно, ненаучно и премногу проѕирно“, вели Ѓуркова.
Ѓуркова притоа вели дека ваквите ставови на бугарската држава и не е нешто ново, дека траат уште од 1948, но за неа е недозволиво вакво нешто се уште да постои и да се инсистира од земја-членка на ЕУ. Според неа на ваквиот негаторски став од страна на Бугарија треба да реагира и самата Унија.
Тамара Грнчароска