
Тревник на плоштадот како привремено решение – земјиштето е приватно и заглавено е во судски лавиринти
Привремениот тревник на плоштадот си го најде своето место кај куќата на Мајка Тереза. Тревата е вештачка и обиколена е со украсни дрвца. Проектот е на градоначалникот Шилегов, а крена голема врева во јавноста пред неколку денови. Дел од реакциите беа за тоа дека се узурпира јавниот простор и го нема ветениот плочник и пешачка патека за луѓето кои циркулираат токму на тој потег помеѓу ГТЦ и плоштадот. Денес од Град Скопје стигна одговор на реакциите.
„Плочникот е изведен онака како што беше замислен. Градот има овластување да реконструира само јавни површини, не и приватни. Не му е ни дозволено да реконструира приватни површини. Ова што сега го гледате на плоштадот е едно привремено решение во услови на приватна сопственост на една приватна фирма врз дел од плоштадот. Она што е битно е дека Градот на тој дел од плоштадот изведе нешто друго што не подразбира никакви трговски центри, шпански скали и ништо што претходно беше замислено“ изјави Никола Наумоски, шеф на кабинет на градоначалникот на Град Скопје.
Тој дел од плоштадот веќе осум години е приватно земјиште. Продадено е од страна на државата со обврска токму таму да бидат изградени познатите „Шпански скали“. Рокот за почеток на градежни работи истекол, а Општина Центар која има ингеренции да дава градежни дозволи – во овој случај ја одземала истата.
„Моментот е што по добивање на правосилно одобрение уште во 2015 година истекол рокот за започнување со градба бидејќи инвеститорот не преземал никакви дејствија. Општина Центар му го поништи одобрението за градба. Потоа истата одлука беше потврдена од второстепената Комисија за транспорт и врски само што сега Управниот суд го враќа предметот на повторно одлучување во Општината“, вели Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Богдановиќ во изјавата за Телма кажа дека Општината токму следната недела повторно ќе одлучува за поништување на одобрението за градба. Во меѓувреме, новиот тревник ќе остане на тоа место, се додека земјиштето е заглавено во судските лавиринти.
Петар Догов